Трендот на намалување на работничките права продолжува. Веќе по трет пат оваа година Владата предлага измени на Законот за работни односи и повторно тие се директно насочени на намалување на правата на работниците, се вели во реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.
– Сега на удар се најде застарувањето на постапките за кои работодавачот може да му даде отказ на работникот. Владата предлага работодавачот да може да му даде отказ на работникот и по 18 месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за отказ, како и три години од денот на настапувањето на фактите кои се основа за отказ.
– Според сегашното законско решение првиот рок е три месеци, а вториот рок – шест месеци. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“ најостро го осудуваат зголемувањето за дури шест пати (од 3 на 18 месеци и од 6 на 36 месеца) на роковите за застареност. Ваквото драстично зголемување на роковите за застареност во практиката ќе биде во голема мера злоупотребувано од работодавачите, на кои ќе им се отворат дополнителни можности да „ископаат“ во минатото причина за отказ на секој оној работник кој ќе се побуни за своите права, реагираат ССНМ, „Солидарност“ и „Ленка“.
Воедно ги повикуваме синдикалните федерации и конфедерации (ССМ,КСС и другите) да не го премолчат и овој последен потег за намалување на работничките права. Функцијата на синдикатите е да ги штитат и да се борат за зголемување на правата на вработените, во спротивно се поставува прашањето: за чии интереси тие работат?, прашуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.




