Завршена е обдукцијата за смртта на 29 годишниот Пеце Стојковски кој почина вчера во болницата во Битола, непосредно пред да биде отпуштен дома. Детали од резулатите не се објавуваат во корист на истрагата и судскиот процес на барање на Обвинителството, но и на барање на семејството на починатиот.
Од Клиничката болница за НОВА велат дека Стојковски бил примен со температура и главоболка пред десет дена, а биле направени сите испитувања. Тој бил двапати сниман на магнетна резонанца и комјутеризирана томографија на кои не било откриено ништо и бидејќи неговата состојба се подобрила лекарите одлучиле да не го праќаат во скопскиот клинички центар како што планирале претходно.
Кога излегол да прошета во дворот на болницата со неговиот татко, му се слошило, се онесвестил по што лекарите се обиделе да го реанимираат но безуспешно. Според директорот Васко Најдовски и во најсовремените болници во свет може да се случат вакви непредвидени случаи, а резулатите од обдукцијата ќе го дадат одговорот која е причината за смртта на Стојковски.
-Да не бараме вештерки во 21 век, се е направено според законот, запазени се сите процедури. Не постои лекар кој сака да му наштети на пациентот, но ништо не помага таму каде што не е можно да се помогне. Снимките од магнетна резонанаца се добри, но ситуацијата може да се промени за пет минути изјави за НОВА Васко Најдовски директор на Клиничката болница во Битола.
Најдовски ја исклучува можноста за лекарска грешка бидејќи како што изјави „доколку се работи за лекарска грешка ситуацијата би се влошила во текот на лекувањето“.
Но,овој случај со смртен исход, на момче кое што само што требало да биде отпушетно од болница , фрли сенка врз битолската болница и ги вознемири граѓаните на Битола.
Пред два месеца во битолската болница почина пациент, на кој наместо физилошки раствор за испирање на желудникот, по грешка му беше дадено средство за дезинфекција.
Судот во Битола започна истрага, а за убиство од небрежност засега е осoмничен транспортерот во болницата, кој му го дал средството на пациентот.
Сите останати кои биле на смена во тој момент беа казнети со 20 проценти од плата во наредните пет месеци.