Советот за радиодифузија смета дека е потребно да се обрне сериозно внимание на интернет порталите и печатените медиуми за време на изборната кампања, особено на нивната улога и финансирањето изјави претседателот на СРД Зоран Трајчевски за Радио Слободна Европа.
Трајчевски смета дека е потребна контрола врз интернет порталите бидејќи според него, никој нема законска надлежност да ги контролира содржините кои се објавуваат, а во тие медиуми влегуваат милионски суми под сомнителни околности.
„Јас мислам дека отпорот е поради тоа што ќе биде загрозено неконтролираното, можам да кажам во наводници, илегално финансирање на одреден број на портали во Македонија од добро познати извори. Значи, овие податоци што ги кажувам, милионски суми, може да ги проверите и на интернет и тие доаѓаат најчесто од една групација, а тоа е групацијата „Сорос“, вели Трајчевски.
Тој додава дека СРД направила една анализа за разликата на финансиските средства на порталите и на електронските медиуми.
„Направивме, значи неофицијално, анализа, истражување на тоа со какви финансиски средства располагаат интернет порталите, не само за време на изборната кампања, туку воопшто, и бројките до коишто дојдовме се запрепастувачки. Станува збор за милионски суми изразени во евра и во долари, така што ако се споредат попустите што им ги даваат телевизиите на политичките партии, се смешни во однос на тоа со какви средства располагаат интернет порталите“, поентира Трајчевски во разговорот за Радио Слободна Европа..




