Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера изјави дека членството на неговата партија како колиционен партнер на ВМРО ДПМНЕ нема да ја поддржи евентуалната кандидатура на Ѓорѓе Иванов за нов претседателски мандат.
Оваа изјава на Ахмети става крај на дилемите дали Иванов ќе биде кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, и ги отвора оние за тоа кој ќе биде адутот на владејачката партија на престојните претседателски избори на пролет.
НОВА стапи во контакт со професорот Јове Кеконовски за кого постојат шпекулации дека ќе биде кандидат за претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Во телефонскиот разговор Кекеновски ни потврди дека тој дефинитивно одлучил на изборната конвеција на ВМРО ДПМНЕ за претседателски избори да се јави како кандидат.
„Ја донесов оваа одлука затоа што имам што да понудам со своето искуство и знаење. Ја имам и поддршката на постарите членови на партијата. Се надевам на фер борба во која јас сум сигурен дека ќе бидам избран на Конвецијата како претседателски кандидат“, ни изјави професорот Кекеновски.
Во разговорот Кекеновски ни соопшти и тоа дека неговата кандидатура на Конвенцијата ќе биде поддржана од некои поранешни претседатели на земјите од регионот.

Еден од кандидатите на владејачката партија за претседател, според кредибилни извори е и Срѓан Керим. НОВА стапи во контакт со Керим но тој одби да даде коментар – „немам коментар“ ни изјави кусо Керим.
Во двете најголеми партии се прават истражувања на јавното мислење и расположението на граѓаните. Според партиски извори, Керим не ужива голема поддршка од гласачите, што ја проблематизира неговата евентуална кандидатура.
.jpg)
Во круговите на владејачката партија се споменува често и името на министерот за финансии, Зоран Ставревски.
Неговата кандидатура станува се пореална опција но како и Керим, и Ставревски не ужива голема поддршка од гласачкото тело. Дополнително кандидатурата на Ставревски би можела да биде загрозена и од евентуалниот лош развој на приказната со инвеститорот Субрата Рој, со која во јавноста се идентификува Ставревски.

Конечно, нема потврда но ниту демант на шпекулацијата дека за претседателски кандидат може да се појави и партискиот лидер Никола Груевски.
Според извори на НОВА, одлуката за тоа дали Груевски ќе биде кандидат за претседател зависи од тоа дали заедно со претседателските ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Шансите Груевски да биде кандидат се поголеми доколку на пролет имаме претседателски во исто време со предвремени парламентарни, за што можноста не ја исклучи Али Ахмети во неговото интервју за Алсат.
НОВА наскоро ќе ги објави и имињата на фаворитите за претседателски кандидат на опозициската СДСМ.




