Министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми ги координирале ставовите и останува она што тој го најави дека на децата кои не се вакцинирани нема да им биде дозволено да одат на училиште и во градинка. Ова денеска го изјави Филипче истакнувајќи дека тоа ќе биде забрана, а не препорака, бидејќи како што рече само со забрана може да се постигне ефектот.
– Контрадикторноста беше во делот кој пропишува дека и основното образование е задолжително, меѓутоа, во ситуација на епидемија се знае како се постапува и реагира и во таа насока беа сите наши мерки. Пред два дена се консултирав и со министерот за образование и наука Арбер Адеми и тие наши ставови се координирани. Сега продолжуваме со теренската вакцинација, повторно ќе има средба мултисекторската група за да видиме дали треба да направиме некои законски измени, истакна Филипче.
Тој уште еднаш посочи дека сите што не се вакцинирани се во исклучително висок ризик да заболат.
– Нема што повеќе да ни се случи за да укажеме на тоа дека ова е навистина потребно. Починаа три деца кои не беа вакцинирани од кои едното не можеше да биде вакцинирано поради тоа што имаше друга болест. Тоа се тие работи кои сакаме да ги постигнеме, а се должат на подигнување на колективниот имунитет. Што повисок процент на вакцинација, над 96 проценти, 97 проценти е потребно за да има таков колективен имунитет и вакви епидемии да не ни се случуваат, рече Филипче.




