Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и воедно шеф на партискиот центар за комуникации Илија Димовски на собраниска комисија ќе донесе новинари кои ќе сведочат дека одредени нивни колеги земаат пари за да ја срушат власта.
Димовски ваквиот потег го најави на седницата на Собраниската комисија за политички систем за да докаже дека Македонија нема проблем со медиумската слобода како што тврди опозицијата, но и заклучуваат релевантните меѓународни институции, како на пример Европска комисија.
Пратеничката на СДСМ Весна Бендевска побара за ситуацијата во медиумската сфера да се дискутира на посебна седница на Комисијата за политички систем, каде ќе се анализора на злоупотребата на презумпција на невиност, на злоупотреба на мерка притвор и рушење на слободното право на протести.
-Кај нас се крши презумпцијата на невиност, а притворот место инструмент за обезбедување на осомничен за некое кривично дело се претвора во инструмент за казнување. Во Уставот стои дека притворот не треба да трае повеќе од 180 дена, а кај нас се рушат светски реккорди и трае по година и повеќе. Ова особено се злоупотребува за луѓе што се политички противници на владеачката структура, изјави Бендевска.
-Во Република Македонија постојат медиуми што добиваат пари за да ја срушат власта, има новинари што го зборуваат тоа. Добро е да викнеме тука сведоци и да зборуваме за тоа кои се изворите на тие пари, како се трансферираат. Значи тие не земале пари за да пишуваат слободно и независно, туку за да ја срушат власта – реплицира Димовски.




