ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во анкетниот лист не го навела целиот имот кој го поседува со својот сопруг.
Од партијата информираат дека покрај становите, Шеќеринска и нејзиниот сопруг поседуваат вила на два спрата со вкупна површина од околу 200 м2 и двор од 347 м2 во Маврово.
Светлана Јакимовска од ВМРО ДПМНЕ изјави дека вкупната вредност на имотот е околу 154.700 евра и дека вилата е градена во 2003 година кога Шекеринска била потпретседател на Владата. Куќата, според неа, е пријавена како имот на мајката на сопругот.
Радмила Шеќеринскa и нејзиниoт сопруг заеднички изградиле вила која е на два спрата (приземје и поткровје) со површина од 117 м2 во основа, односно околу 200 м2 вкупна станбена површина и двор од 347 м2 во луксузниот дел на туристичката населба Маврово до самиот ски-центар со поглед на езерото.
Пазарната вредност на оваа вила е огромна. Во овој дел на Маврово само плацот е во вредност од 100 евра по метар квадратен или само за површината вредноста би била 34700 евра. Земајќи во предвид дека оваа вила е градена со луксузни елементи (како што самите велат) и ако претпоставиме дека цената би била само скромни 600 евра по м2, тогаш лесно доаѓаме до податокот дека оваа вила чини околу 120 000 евра. Вкупната вредност на овој имот (плацот и куќата) е околу 154700 евра.
Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг сами за медиумите изјавиле дека тие ја изградиле оваа вила и дека таа за нив е дома, сопствена куќа и втор дом. Оваа вила е градена токму во периодот кога Радмила Шеќеринска беше потпретседател на Владата, во 2003 година.
Оваа викендица, за која самата вели дека ја користи за уживење, ја стекнала пред неколку години, а сепак до ден денес ја нема пријавено.
Секако, иако за оваа вила Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг велат дека е нивен втор дом, сопствена куќа и дома и дека тие сами со емоции ја граделе, сепак таа е регистрирана како имот на мајката на сопругот на Радмила Шеќеринска. Многу итар начин како да се прикријат. Од една страна во весници се фали дека има сопствена куќа и се слика во неа и околу неа како холивудска глумица, а од друга страна имотот го регистрира на некој од кого во иднина ќе го наследи, истакна Светлана Јакимовска од ВМРО ДПМНЕ.




