„Изгледа во четвртокот навистина допревме болна точка на која владејачката партија и премиерот немаат одговор. Затоа, денеска ја откриваат Америка и после 10 мои изјави и соопштуваат триумфално на македонската јавност дека сум одела, замислете во семејната вила во Маврово. Ако е и од ВМРО-ДПМНЕ, многу е“, реагираше Радмила Шеќеринска, портпретседател на СДСМ, на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека вилата во Маврово не ја ставила во имотниот лист.
– Се прашувам за што ќе бидам обвинета во деновиве кои проаѓаат. Дали ќе бидам обвинета и за ниската откупна цена на јаболката, дали ќе бидам обвинета за падот на Вол стрит, дали ќе бидам обвинета и за убиството на Кенеди, можеби?
– И сето тоа, само за да се создадат нови лаги, манипулации, напади и навреди коишто ќе го скријат фактот дека премиерот не можеше да каже ниту еден збор за дуплираниот имот на својот директор на тајната полиција и братучед. Не можеше да каже ниту збор, за “техничката грешка”, замислете, од 720 илјади евра. Не можеше да каже ниту еден збор за чудната математика на неговите фирми. Затоа во овие последни 2 дена ВМРО-ДПМНЕ мора да каже се што може и се што не може, само за да ја измести темата и да го премолчи тој факт.
– Навистина е смешно, кога една партија чиј претседател и премиер живее во четирите стана на својата мајка, си го поставува прашањето дали јас смеам да одам во семејната куќа на мојата свекрва. Тоа е навистина смешно, но веќе станува многу бедно и лицемерно.
– ВМРО-ДПМНЕ немаше одговори ниту во четвртокот, ниту вчера, ниту денес. Затоа премиерот избегна да одговори на две прашања. Затоа неговиот братучед и директор на тајната полиција и денес, и вчера и завчера, не смее да се појави пред македонската јавност, туку мора да се крие зад соопштенија, кои замислете ги објавува на веб сајтот на Министерството за внатрешни работи, како да е тоа негова приватна работа.
– Тука е разликата. Тие се кријат, а јас стојам денеска и пред Вас и пред македонската јавност. Не се кријам и не се плашам, заради тоа што, тоа што го говорам е вистина. Тие нека продолжат да се кријат. Нека продолжат да се закануваат и нека продолжат да лажат.
– Јас пред македонската јавност немам што да скријам, рече на крај Шеќеринска.



