Имиња пред Република Македонија или какви било други формулации се за разгледување, но без притоа да се чепне Уставот на државата, мојот национален јазик, мојата национална посебност, мојата култура како Македонец, изјави денеска во Струга претседателот на партијата Зоран Заев.
Според него за СДСМ се неприфатливи досега споменуваните предлози како Горна или Северна Македонија. СДСМ нема да дозволи промена на името на Република Македонија, доколку задира во идентитетот и националата посебност.
– Што е важно за карактеристиките на идниот претседателски кандидат? СДСМ повеќе од месец интензивно е посветен на изнаоѓање на вистинска личност за кандидат за претседател на државата. Правиме анкети, правиме истражувања, но ниту јас од Струмица, ниту ние во централата, подобро знаеме, што е мулти-димензионалниот карактер на важноста на граѓаните од сите етнички заедници, во профилирањето на идниот кандидат за претседател на државата и дај Боже претседател на сите граѓани на Македонија. Многу сум среќен што моите сопартијци овде во Струга, ми дефинираа дека натпартискиот кандидат значи дефинитивно гледање во нашите партиски структури, но секако силно внимание и надвор од нашите партиски структури. Личности кои се прифатливи за сите граѓани, како Македонци, така Албанци, муслимани, православни, дали се Турци, Роми, Власи, човек кој ќе биде прифатен како иден претседател на сите граѓани во државава, потенцираше лидерот на СДСМ.
Таквиот кандидат, вели Заев за кој СДСМ се залага, е да биде пронајден од нивните партиски структури и поддржан секако во неговата кандидатура, дефинитивно во целост ќе ја исполни функцијата претседател на државата.



