Антикорупциска утврди дека кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери имало измени на актите за вработувања и тие не одговaрале на систематизацијата, туку критериумите во огласот биле местени за кандидатот што требало да биде вработен.
Еден од таквите примери е вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор, во ЕЛЕМ. Антикорупциска утврди дека иако во Правилникот на ЕЛЕМ се барало од нововработените да имаат двегодишно работно искуство, овој услов го немало во огласот на кој се пријавил синот на пратеничката. Исто така, во систематизацијата на ЕЛЕМ не постоело работното место на кое бил вработен Стојчевски, а директорот го искористил своето дискреционо право да го вработи. За овој случај, Антикорупциска одлучи да ја извести Владата која има ингеренции врз работењето на ЕЛЕМ, Надзорниот одбор на ЕЛЕМ и трудовиот Инспекторат.
За братот и сопругот на пратеничката Стојчевска, Антикорупциска не утврди дека имало непотизам односно влијание при нивното вработување и унапредување. Братот на Стојчевска, не бил вработен во РЕК Битола, туку како бравар – кранист бил ангажиран само 20 дена од приватна фирма, за што никакво влијание немала неговата сестра. Сопругот на Стојчевска не бил унапреден на работното место, туку тој бил командир на шумска станица и претходно. По реакциите во јавноста побарал да биде сменет, но барањето не му е прифатено додека не се именува друг командир.
Антикорупциската комисија на денешната седница едногласно одлучи да поднесе прекршочна пријава против министерот за економија Крешник Бектеши затоа што не ја известил Државната комисија за спречување на корупција дека сестра му се вработила во МЕПСО, а кога се вработила, живееле на иста адреса. Како министер за економија, Бектеши врши и надѕор врз работата на институцијата во која се вработиле неговата соруга, што само по себе остава простор за сомневања дека имало влијаније при нејзиното вработување.
Но, Антикорупциска утврдила и други факти кои исто така одат во прилог на сомевањата за непотизам. Имено, на огласот на МЕПСО на кој се пријавила и сестрата на Бектеши се барале 23 работни места, а биле пријавени повеќе од 800 лица. За позицијата самостоен референт за кој конкурирала и сестрата на министерот имало 73 пријавени. Во МЕПСО била формирана Комисија за селекција која по еден месец до директорот доставиле листа од 5 кандидати за самостоен референт – но нема ниту еден документ на кој начин било извршено бодувањето, ниту има извештај од спроведените интервјуа.
„Нема образложение зошто токму сестрата била селектирана во првите 5, а потоа со одлука на директорот била и вработена“, констатираше Антикорупциска која за овие сомневање ќе ја извести и Владата и Надзорниот одбор на компанијата.
Министерот Бектеши пред еден месец изјави дека не чувствува морална одговорност и нема да побара од неговата сестра да го напушти работното место во АД МЕПСО, бидејќи, како што рече, таа не е вработена во Министерството за економија, полнолетна е, не живее со него, мажена е и сама одлучува за својот живот.
Скандалозен е изборот на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми во ЕЛЕМ. Антикорупциска утврди дека работно место на која била примена сестрата на министерот било креирано две недели пред да биде објавен огласот.
За вработувањето на блиските луѓе на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски, Антикорупцсика одлучи дека имало влјание во сите три случаи.
Непосредно пред да се објави огласот на кој била вработена Мирјана Јосифовска, сестра на Александар Кирацоски во Централен регистар, оваа институција направила систематизација на работните места и го зголемила бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци од два на три, а како услов за вработување било наведено дека се бараат лица со завршен Факултет по географија. Сите останатите кандидати кои се пријавиле биле дисквалификувани поради несоодветно образование. Исто така, по вработувањето, Јосифовска била испратена да работи во одделението во Битола каде што и живее. Поради сето ова, Антикорупциска ќе побара да се утврди дали директорката на Централен регистер ја злоупотребила службената положба.
За таткото на сопругата на Кирацоски кој бил ангажиран во РЕК Битола, Антикорупцсика побара да се утврди одговорност од генералниот директор на РЕК Битола за што ќе ја информира и Владата.
„Директорот на РЕК Битола требало да објави оглас, а не да ангажира лица преку Агенција за привремени вработувања. Борче Поповски дедо на Кирацоски бил привремено ангажиран во РЕК Битола, но договорот му бил продолжен“, соопштија од ДКСК.
По реакциите во јавноста, Поповски се повлече од работното место.
И бабата на Кирацоски е вработена со непотизам. Антикорупциска утврди дека мајката на сопругата на Кирацоски била вработена во училишниот дом „Мирка Гинова“ во Битола како технички секретар на работно место кое било креирано непосредно пред да биде објавен огласот.
Антикорупциска утврди непотизам и при вработувањата на сопругот на државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска во ЕЛЕМ кој како инженер по текстилна технологија е вработен како инженер за животна средина.
Градоначалникот на Прилеп ќе добие пријава за злоупотреба на службената положба за вработувањето на неговата внука во општината. Пред да се објави огласот биле сменети критериумите, па наместо Правен и Економски факултет, од кандидатот се барало да има завршено книжевност за да одговора на критериумите што ги исполнувала ќерката на сестрата на неговата сопруга. Тој не се се иззел од изборот и го потпишал решението за вработување на внуката.
Сомнителен е и начинот на кој била вработена мајката на пратеникот Костадин Костадинов во Централен регистер. Централниот регистер не ги презел сите мерки за да се избере најдобриот кандидат од оние кои биле пријавени на огласот. Мајката на Костадинов, по реакциите во јавноста даде отказ на работното место.
Антикорупциска не утврди дека имало влијание при вработувањето на ќерката на Талат Џафери, Бесијана Џафери во ЕЛЕМ.
„Немало наменска измена на огласот или креирање на работно место за вработување на ќерката на Џафери во ЕЛЕМ. Таа имала повисоко образование од останатите пријавени кандидати и познавала повеќе странски јазици“, кажа претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Нури Бајрами заменик претседателот на ДКСК, кој му е баџанак на Џафери се иззема од расправата за ќерката на претседателот на Собрабнието.
При вработувањето на сопругата на градоначалникот на Неготино во основно училиште Антикорупциска не се утврди влијание ниту непотизам. Сопругата на градоначалникот на Неготино Надица Делкова била вработена законски.
Антикорупциска најави дека наредната недела ќе ги соопшти своите сознанија и за останатите случаи за кои имаше сомневања за непотизам.