Досегашниот лидер на НСДП, Тито Петковски, е реизбран да ја води партијата.
На денешното обраќање по повод неговиот реизбор за претседател на партијата НСДП, Тито Петковски им се извини на граѓаните поради коалицијата со премиерот Груевски.
– Јас и тогашното водство на Новата социјалдемократска партија го поддржавме Никола Груевски за премиер на заедничката Влада уверени дека неговата најава за реафирмација на изворните принципи на гоцевото ВМРО и најавените реформи во економијата можат да ја однесат Македонија напред. Ни во сон не можев да претпоставам дека македонскиот национализам, етноцентризам, митологија и лажниот препород можат да бидат платформа на која тој ќе успее. А се случи токму спротивното, на таа платформа Никола Груевски успеа да ја уништи идејата за Македонија.
-За тој мој огромен превид ви се извинувам и вам и на граѓаните на Република Македонија. Убеден сум дека времето почна да работи против него и против насилничката и расипничка политика на неговата партија. Започнува периодот на тешко и мачно отрезнување на македонскиот народ од повеќегодишната опиеност. Наша задача е заедно со граѓаните на Република Македонија, и со партиите со кои веќе повеќе години делуваме заедно да го скратиме тој рок и да го забрзаме нивното заминување, рече во својот говор Петковски.




