Компаниите да посветат поголемо внимание во делот на безбедноста при работа и да си ги заштитат работниците. Тоа не претставува трошок туку вложување во животот на работниците, апелираат од Стопанската комора на Македонија.
Особено внимание треба да се посвети на рударите, градежните работници и оние во металната индустрија како најзагрозени, бидејќи таму не можат да се предвидат условите за работа. Факт е дека македонските работници не внимаваат на безбедноста на работните места, но со имплементација на новиот систем за управување со безбедноста, ќе се намалат повредите на работниците, што е приоритет на секоја фирма.
– Заштитата на вработените од аспект на здравјето и безбедноста треба да е императив и приоритет на секоја компанија. Токму „OHSAS 18001“ помага во управувањето со овој тип ризици, ги уверува бизнис партнерите дека компанијата става акцент на превентивното делување, а тоа ја подобрува целокупната слика за неа и привлекува инвеститори, истакна Емилија Тодоровска од Стопанската комора. Оттаму соопштуваат дека се уште е мал бројот на домашните фирми што го вовеле овој стандард, а нема и доволно консултанти кои би работеле на негова имплементација.
Во Велика Британија на пример, за две години бројот на сертификати се зголемил од 31.500 на 54.000, додека во Хрватска за пет години 460 отсто повеќе компании го вовеле стандардот.
Спроведената анкета во вкупно 788 фирми од ЕУ покажува дека оваа мерка ги зголемила трошоците за обуки, но бенефитот бил многу повисока безбедносна култура кај вработените.
Спроведувањето на новиот систем за управување со безбедноста, ја штити фирмата од несакани трошоци, а ја зголемува продуктивноста на работниците. Само лани, кај нас регистрирани се над 20 смртни случаи на работници. Најголем дел биле дел биле од градежниот сектор.




