На денешното рочиште за случајот „Тревник“ во кој се обвинети новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ за изградба на викенд куќи без одобрени, обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска достави нови 33 аудио разговори на Латас и соговорници, кои ќе бидат презентирани на наредното рочиште, закажано за 31 мај, објави Фокус.
Адвокатките на обвинетите, Светлана Савиќ и Анита Бегова приговараа дека обвинителката во оваа фаза на постапката нема право да доставува нови докази, на што обвинителката Јосифовска образложи дека станува збор за докази поднесени како реплика на доказите на одбраната, потенцирајќи дека тоа право го овозможува законот.
Оваа образложение го прифати и судијката Марија Клетничка, која што дозволи доказите да се изведат на наредното рочиште, бидејќи одбраната побара време за да се подготви.
Обвинителката на одбраната им достави транскрипти од сите аудио разговори, а ги повика и во СЈО, кога сакаат да отидат и да ги преслушаат „бомбите“, за кои што рече дека траат 1 час и 50 минути.
На денешното рочиште одбраната го испрашуваше Латас и на неговиот брат Срѓан Павловиќ.
Латас на прашањата на својата адвокатка одговори дека земјиштето во Зелениково, заедно со браќата, го купиле од четири семејства и таму планирале да градат викендици. Појасни дека ги поднеле сите потребни документи за пренамена на зејиштето за да можат да градат, а во два наврати поднеле барање за градба до општината, еднаш во март 2012 година, а потоа и во декември. Како што рече платиле и комунали, а добиле и имотни листови.
На прашањето на обвинителката, зошто во два наврати поднеле барања, тој одговори дека првиот пат не добиле одговор и дека градоначалникот му појаснил дека немале стручен кадар, па да се стрпеле. На прашањето пак, дали со барањето за градба доставил и проект за градба, Латас рече дека не се сеќава, и дека тоа било оддамна. Неговиот брат пак истакна дека тој поднел проект за градба.
Според обвинението, браќата изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.




