Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски вети дека ќе биде претседател на сите граѓани.
„Денес победија граѓаните и свечено сакам да објавам дека ќе им служам посветено на сите. Исходот од изборите значи загарантиран пат напред за сите нас, во ЕУ, НАТО, во економски напредниот свет, онаму каде што припаѓаме. Овие се победа на заедништвото и порака дека само заедно може да се оди напред.
Ќе бидам претседател на сите. Ќе бидам претседател на државата од кој нема да се срамите и тука и во странство. Ќе бидам сојузник во остварување на интересите на граѓаните.
Мој народе благодарам. Ви благодарам Македонци, Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Власи и сите други кои на кристално чисти избори одлучивте да продолжиме заедно напред. Ова денес беше нашата достоинствена победа, ова беше нашиот мудар народ, кој независно од етничка или политичка припадност се обедини и рече заедно напред, никако повеќе режим“кажа Стево Пендаровски.
Пендаровски вети дека ќе се залага за правичност и правна држава, дека ќе обединува наместо да дели и дека ќе биде фактор на стабилност, а не фактор на кризи.
Тој кажа дека ќе ја поддржува Владата на евроатлантскиот пат но и ќе ја критикува.




