„Со амбасадорот разговаравме за состојбите во општина Центар, за тоа со какви притисоци се соочува општината од централната власт, ги разменивме информациите за притворот на Шиповиќ, како и за темите на национално ниво, меѓу кои и до каде е опозицијата со избор на кандидат кој што е прифатлив и за Mакедонците и за Aлбанците и за сите граѓани на Република Македонија“, рече градоначалникот на општина Центар по средбата со амбасадорот на САД, Пол Волерс.
По средбата која траеше околу еден час и 15 минути, Жерновски уште соопшти за неформалната средба со Зоран Заев, која се случила утринава, a на која разговарале за кандидат за претседател прифатлив за сите граѓани на Македонија.
Тој посочи и дека вчера имал средба со сопругата на Шиповиќ на која се разгледувале сите можности претседавачот на Советот на општина Центар да се брани од слобода за да може да присуствува на седниците.
Присуството на амбасадорот на една влијателна држава како што се САД, потоа доаѓањето на Ховит и разговорите во општината како и споменувањето од страна на евро-комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе во Берлин, според Жерновски е јасна порака на поддршка и порака до сите институции дека внимателно се следат случувањата во општина Центар.
На прашањето за тоа дали се разговарало и каков е ставот на Волерс за случајот Кежаровски, Жерновски ги упати новинарите да се информираат од амбасадорот, но рече, самиот факт што се разговара за ова прашање покажува дека има политика во овој случај.




