Пет дена поминаа од пратеничките прашања на кои премиерот Груевски одлучи да молчи на тема врзана за безбедносните структури, но и за неговото семејство. Ги избегна сите прашања и ги премолчи сите одговори. Јавноста можеше тоа јасно да го види и од истото да влече заклучоци, рече пред новинарите Игор Ивановски координатор на пратеничка група на СДСМ.
Според него следеше само обид да се смени темата, замајува јавноста и најмногу да се заплашуваат противниците. Она што не се случи е нормална и законска реакција на институциите кои постојат за да реагираат во вакви случаи.
„Пет дена трае молкот на Комисијата за спречување на корупцијата. Молчат и не реагираат на ништо. Молчат и не реагираат дури ни на признанието на шефот на тајната полиција и братучед на премиерот Никола Груевски, господинот Сашо Мијалков, дека во својот анкетен лист направил, замислете, „техничка грешка„ тешка над 700.000 евра!“, истакна Ивановски.
Тој смета дека е недозволиво шефот на тајната полиција и братучед на премиерот, Сашо Мијалков да се правда за зголемувањето на својот имот од повеќе од 1,6 милиони евра со технички грешки. Не се работи за разлика од неколу квадрати или неколку илјади евра. Се работи за разлика од над 700.000 евра. Ако ова му е „техничка грешка“, со кои ли суми располага шефот на тајната полиција и братучед на премиерот, Сашо Мијалков?




