Иницијатива со идеен проект до општина Аеродром за изградба на македонски православен крст, Светскиот македонски конгрес ќе ја достави во рамки на одбележувањето на 2000 годишнината од христијанството.
Крстот ќе биде монтажен, висок 33 метри, колку што живеел Исус Христос до неговото воскресение, а треба да се гради на Средното училиште „Марија Кири Склодовска“, меѓу булеварите „Трета македонска бригада“ и „Србија“.
– Крстот не е ниту конспирација, ниту провокација, туку културна афирмација. Крстот не е антиисламски симбол, туку дел од културата на Македонија. Крстот има право на простор во Македонија, затоа што Македонија е основата на христијанството во Европа. Во Македонија, во градот Филипи, од Светиот Апостол Павле е покрстена првата христијанка во Европа, Македонката Лидија, стои во соопштението од Светскиот македонски конгрес.
Главниот проект до општината Аеродром ќе биде доставен до крајот на 2013 година, а македонскиот православен крст ќе биде подигнат во рок од 60 дена од добивањето на дозволата за градење.




