Премиерот на Албанија Еди Рама синоќа во Тетово имаше приватна вечера со претседателите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи, што е прва средба на лидерите на двете најголеми партии на македонските Албанци по подолго време.
„Братска средба“, вака Рама преку социјалните мрежи ја нарече вечерата. Весникот „Шекули” пренесува дека премиерот Рама на својот профил на Фејсбук, синоќа по пристигнувањето во Скопје напишал дека имал заедничка вечера со двајцата лидери на Албанците во Македонија, на која присуствувал и пратеникот на социјалистите, еден од најдобрите соработници на Рама, Таулант Бала.
Тиражниот весник „Шекули“ оценува дека Рама ги обединил Ахмети и Тачи, кои со години не контактираат.
Премиерот Рама денеска, во официјалниот дел од посетата, претпладнево ќе разговара со премиерот на Македонија Никола Груевски, а потоа и со претседателот Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Рама на функцијата премиер на Албанија стапи годинава, по парламентарните избори на кои победи Социјалистичката партија.




