Антикорупциската комисија денеска отвори повеќе предмети по допрен глас, по пријави од граѓани и политички партии.
Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска по пријава на ВМРО- ДПМНЕ отвори постапки за одделни пет предмети за случаи поврзани со власта, и најави уште еден за судир на интереси.
Четири од случаите се поврзани со премиерот Зоран Заев : „Глобал“- за изградната на трговскиот центар во Струмица , таканаречениот случај „Едно евро за црквата, едно за Вицето“,за “Земјиште во касарна” поради сомневање дека Сашо Брндевски купил 18.462 метри квадратни по повластени ниска цена од тогашниот градоначалник на Струмица Зоран Заев и за „бугарските фирми“.
За вицепремерот Кочо Анѓушев е отворена постапка за давање под закуп на градежно земјиште за изградба на хидроцентрала.
– За фирмата “Тополки” каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата Феро инвест, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител и има доделено градежно земјиште од 7.105 метри квадратни по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата Тополки, рече Ивановска.
Анѓушев за „Тополки“: Постапката на ДКСК ќе покаже дека се е законски
Предмет на ДКСК ќе бидат и наводите за за грчките фирми на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, откако неодамна беше објавен еден од прислушуваните разговори.
На предлог на претседателката Ивановска отворен е предмет и за продажба на земјиштето кај Холидеј ин за сомнежи поврзани со негово окрупнување, но и за загрозување на животната средина.
Предмет на истражување на ДКСК ќе бидат и набавките на Клиниката за хематологија и дали в.д. директорката Ирина Пановска Ставридис влијаела врз одлучувањето при набавките на лекови, бидејќи е ќерка на сопственикот на веледрогеријата “Др Пановски”.
Постапки за Мерко и Вангеловски
Антикорупциска ќе ги чешла набавките на 4 возила од страна на општина Струга, меѓу кои и „Ауди 6“ за градоначалникот Рамиз Мерко.
Членовите се повикаа на информации во медиумите каде Мерко вели дека не му личи да вози „шкода“ и дека требало да купи уште поубава кола од ова „ауди “ кое чини 67 илјади евра.
Антикорупциска смета дека набавката на возилата се прави во време кога Владата донела одлука финансиски да им се помогне на општините кои имаат долгови меѓу кои е и Струга со долг од 4 милиони евра.
Постапка е отворена и против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски за набавка на возило „БМВ“ од 40.000 евра.
Вангеловски ќе биде предмет на истрага на Антикорупциска и за месечните паушали од 10.000 денари, заедно со Горан Караџовски и Коле Штериев.
Предмети за изборни нерегуларности
Членот на ДКСК Нури Бајрами предложи поведување прекршочна постапка за директорот на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост бидејќи во анкетниот лист не навел дека е неизвршен член во два Управни одбори. Ќе се испитува и можноста што се отвора со Законот за трговски друштва член на Управен одбор да биде неизвршен член во уште пет управни одбори.
ДКСК ќе одговори и на мислења во врска со можен судир на интереси доставени од неколку институции. Меѓу нив и барањето на ЈП „Македонија пат“ во врска со судски предмет за надомест на штета во што како судски вештак се јавува лекарка која истовремено го лекувала пациентот, што ја поднел тужбата.
На денешната седница отворени се и предмети од граѓани за изборни нерегуларности кои ја искористиле апликацијата на ДКСК.
Антикорупциска ќе разгледува и предмети за избор на наставници во научни звања на еден од факултетите на УКИМ, вработување на Институтот за радиологија, за нострификација на диплома.




