Градоначалникот Жерновски и СДСМ сосема смислено се прават жртви, за да ја затскријат неспособноста и немањето на проекти. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласаше против правото општината Центар да се стекне со владение врз градежното земјште, како што тврди Жерновски, туку гласавме против, тоа да се направи на незаконски начин и насилно, против интересите на граѓаните, а во корист на затскриени бизнис интереси, изтакна на денешната прес конференција Даниела Рангелова, советник во Општина Центар од редовите на ВМРО – ДПМНЕ.
– Прво, сосема е несериозен предлогот на Жерновски кој ни го доставија на дневен ред, да гласаме за програма за располагање со градежно земјиште за 2013 година, на само неполни два месеци пред завршување на тековната година. Во која Општина во светот има случај да се гласа годишна програма, на крајот од годината за која таа се однесува и уште поважно, што правеше г-динот Андреј Жерновски цели 7 месеци, период во кој оваа програма можеше да се предложи и усвои?
– Второ, Општината Центар не може да се стекне со правото за располагање на градежно земјиште, не поради неконструктивноста на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што неосновано обвини Жерновски, туку поради неисполнување на законските услови за тоа. Имено Општината Центар нема законско право за тоа, и не ги исполнува елементарните услови предвидени со членот 89 од Законот за градежно земјиште.
Согласно член 89 од законот за градежно земјиште општините во градот Скопје и градот Скопје можат да ги вршат работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија, доколку имаат изготвено и усвоено едногодишна програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште сопственост на Република Македонија, нешто што Општина Центар не го има направено.
– Трето, оној кој го блокира Советот на општината е токму Жерновски и СДСМ. Тие со одбивањето на иницијативата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ да се изгласа Претседател на Совет кој СДСМ ќе го предложи директно го блокираат Советот, бидејќи во моментот не постои овластен потписник на одлуките, нешто што треба да го обавува претседавачот на Советот, објасни Рангелова.
Според неа СДСМ ја сноси одговорноста што Советот е блокиран, и што граѓаните не може да ги остваруваат своите елементарни потреби и интереси. Апелираме на разумност и бараме конструктивност. Ние имаме добра волја да поддржиме секој предлог кој е во интерес на граѓаните на Центар.




