Опозициската ДПА денеска реагираше и ја обвини Владата, а особено ДУИ дека ја потценува посетата на албанскиот во премиер, односно дека знаме на Албанија не е поставено пред државните институции и низ улиците во Скопје.
-Се наоѓаме пред Собранието на Македонија, а во овој момент се одржува средба меѓу албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Собранието. Нема ниту едно албанско знаме низ булеварите во Скопје. Како што гледате, нема ниту едно знаме пред државните институции, каде премиерот Рама остварува билатерална средба, изјави Беким Фазлиу од ДПА.
Од владата велат дека Еди Рама во Скопје е пречекан со највисоки државни почести предвидени со протокол за посети на странски државници.
-Протоколот предвидува државни знамиња на улици да се постават тогаш кога во земјата престојува претседател на држава. Премиерот Еди Рама во Скопје е пречекан со сите највисоки државни почести и според процедурата предвидена со дипломатскиот протокол, се вели во реакцијата на Владата.
Премиерот Рама пред владата беше свечено пречекан со интонирање на химните на двете држави и со поздрав пред националната гарда.




