По шест рунди преговори, на две недели пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот, која како еден од условите за позитивна оценка го постави статусот на СЈО, законот за ЈО и натаму е блокиран.
Министерката за правда Рената Дескоска потврдува дека во овој момент нема напредок во преговорите во кои, покрај политичките партии, вклучени се и експерти и претставници на меѓународната заедница.
-За жал во овој момент не можам да кажам дека имаме напредок во разговорите за СЈО, но клучниот проблем е се уште проблем кој останува. За некои работи најдовме приближување, но тоа беа работи кои не го тангираа клучниот камен за сопнување, а тоа се постапките, вели Дескоска во интервју за 1ТВ.
Таа посочува дека покрај сите доставени амандмани, реален проблем во целиот процес е прашањето за СЈО.
-Токму постапките покренати по 18 месеци по предвидениот рок се клучниот камен на сопнување. Што со нив? Во предлогот на Министерството стои дека тие постапки продолжуваат и ќе ги продолжи обвинителството што е надлежно, а според надлежностите тоа е СЈО. Од страна на опозицијата постои барање тие постапки да бидат прекинати и сите докази кои биле собрани да не важат. Кога ќе ги прекинете постапките, има практична неможност после тоа да ги отворате, вели Дескоска.
Таа останува на ставот дека законот што ќе се донесе треба да содржи одредби за продолжување на постапки од СЈО, кој не смее да вклучи амнестија преку законски одредби и кој треба да даде одржливост на систем на владеење на правото, кој значи гонење на криминал, вели Дескоска во интервју за 1ТВ.
Повеќе за состојбата во судството воопшто, во видеото.




