„Не би коментирал нешто каде што не сум бил присутен. Сосема е јасно зошто Нимиц бил поканет кај германската канцеларка Меркел“, одговори премиерот Никола Груевски на новинарско прашање како ја комнетира средбата Меркел-Нимиц.
„Знаеме со што се занимава тој и за кое прашање е поставен од ОН и сигурно дека тоа било главна и централна тема. Сосема е јасно дека Германија сака да има поточни и поконкретни информации. Германија е сериозен и можеби еден од најкрупите играчи во Европа во делот на политичките случувања“, рече Груевски.
Според него Македонија не гледа ништо лошо во тоа, напротив, гледа добро, додаде Груевски и потенцираше дека за Македонија е добро Германија да биде добро запознаена со случувањата со она што во минатиот период се случуваше во односите со нашиот јужен.
Позитивна овенка на средбата Меркел-Нимиц денеска пристигна и од американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс.

„Имаме кажано дека го поддржуваме процесот и под раководство на Обединетите нации и поединечните разговори на амбасадорот Нимиц со засегнатите страни. И Европа е засегната, а Германија е важна држава во Европа, така што, ако амбасадорот Нимиц се консултирал со канцеларката Меркел, тоа е добро. Не ја познавам содржината на разговорот, но сигурен сум дека ја запознал со позициите на двете засегнати страни“, рече Волерс.
Во вторникот, како што објави Дојче веле, германската канцеларка Ангела Меркел се сретна на краток разговор во Берлин со Метју Нимиц, посредникот во македонско-грчкиот спор.
Во соопштението на германската влада по средбата се вели дека Меркел и Нимиц се согласиле дека „пречките, доколку постои соодветна политичка волја во главните градови Атина и Скопје, би биле надминливи“. Меркел го уверила Нимиц дека германската влада ќе продолжи да го поддржува во неговата натамошна работа.




