„Не кажувај никому“ е насловот на потресниот документарен филм во Полска за случаите на сексуално злоставување на малолетници во Црквата. По неговото прикажување, тамошните власти решија да ги заострат законите и изгласа двојно поголеми затворски казни за престапниците (од 15 на 30 години), јавува „Би-Би-Си“.
По бурната јавна расправа, полскиот парламент со огромно мнозинство ги донесе новите казнени мерки. За нив гласаа 263 пратеници и по тројца беа против и воздржани. Покрај максималната санкција од 30 години за осудени педофили, за најсериозни случаи се предвидува и доживотен затвор.
Новиот закон дојде по прикажување на документарниот филм на браќата Томас и Марек Секиелски што минатиот викенд се најде на Јутјуб и за само една недела забележа 18 милиони прегледи. Од владејачката партија „Право и правда“, пак, истакнаа дека на новиот законски предлог се работело со месеци. Заострените казнени мерки треба да бидат потврдени и од Сенатот.
Католичката црква во Полска, како и секаде во светот, минува низ период на тешка криза и се соочува со губење на моралниот авторитет во општествата. По ланското објавување на филмот „Клер“, во јавноста се поотворено почна да се зборува за сексуални злоставувања во Католичката црква. Полските бискупи во таа прилика упатија извинување за педофилските злочини што го повторија и овојпат.
„Се извинувам за секоја што ја предизвикале припадници на Црквата“, рече надбискупот Војчех Полак, примас во полската Црква и апелира за истрага за сите злочини за кои се говори во „Не кажувај никому“.
Во споменатиот филм, поранешни жртви на сексуално насилство говорат за сопствените искуства и за начинот на кои се носат денеска. Меѓу свештениците кои се обвинуваат во документарецот е покојниот Францишек Цибула, еден од најугледните во Полска и исповедник на поранешниот претседател Лех Валенса.
Покрај променетата законска рамка, министерот за правосудство на Полска, Збигњев Зиобро именува и истражувачки тим за расветлување на злочините за кои се говори во „Не кажувај никому“.




