Сопругата на Томислав Кежаровски, Марина, за НОВА: Шокирана сум од одлуката на Судот за Томче да биде пуштен во куќен притвор. Детали за неговото враќање дома уште не ни се соопштени, како и на адвокатот Филип Медарски. Се надеваме во секој момент дека ќе дојде.
Попладнево со соопштение Основниот суд ја информираше јавноста за својата одлука:
Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлогот за укинување на мерката притвор определена против обвинетиот Томислав Кежаровски од Скопје поднесен преку неговиот бранител, со решение КОК-КР.бр.267/13 од 07.11.2013 година ја укина мерката притвор против обвинетиот Томислав Кежаровски и му определи мерка куќен притвор во траење од 30 дена, сметано од 07.11.2013 година до правосилноста на пресудата КОК.бр.51/13 од 21.10.2013 година, односно до започнување со издржување на изречената казна затвор.
Жалбата против решението КОК-КР.бр.267/13 од 07.11.2013 година не го задржува извршувањето на истото, соопштува Судот.
Оваа одлука на Судот за домашен притвор доаѓа после речиси 6 месеци притвор на Кежаровски – беше однесен на 28 мај оваа година, после што следеше лавина реакции од домашни и меѓународни институции и организации- медиумски, за слобода и права, како и политички.




