Текстот во продолжение требало да биде објавен на 25 ноември 1939 година во весникот “Републиканска вечер“, дневен лист печатен на само една страна со кој Ками раководел во Алжир. Писателот ги дефинира четирите заповеди на слободниот новинар: луцидност, одбивање, иронија и упорност. Ками зборува за дезинформациите кои се гангрената на Франција во 1939 година.
Тешко е денес да се зборува за слободата на печатот без да се биде осуден за екстравагантост, да се биде обвинет за Мата Хари или внук на Сталин.
Сепак, таа слобода, помеѓу другите слободи, е само едно од лицата на слободата па така може да се разбере нашата упорност да ја браниме доколку сакаме да си признаеме дека не постои друг начин навистина да се добие војната.
Без сомнение, секоја слобода има свои граници. Освен тоа, тие треба да бидат слободно признаени. За пречките што се исправаат денес пред слободата на мислењето ние, впрочем, сме кажале се што сме можеле да кажеме и уште ќе кажуваме, до бесвест, се што е можно да се каже. Кога еднаш принципот на цензурата е наметнат, никогаш нема доволно да се изначудиме што пренесувањето на текстовите објавени во Франција а кои се цел на цензорите во метрополата, е забрането, на пример, во “Републиканска вечер“ (весник, објавуван во Алжир, чиј што уредник беше Алберт Ками во тоа време). Фактот што во тој поглед еден весник зависи од расположението или компетентноста на еден човек го покажува подобро од било што друго степенот на несвесност до кој сме стасани.
Еден од добрите рецепти на филозофија достојна да го носи тоа име е никогаш да не се впуштиш во непотребни жалопојки кога си соочен со фактичка ситуација која повеќе не може да биде избегната. Денес во Франција прашањето не е повеќе како да се сочува слободата на печатот. Прашањето е да се најде начин како, соочен со укинувањето на тие слободи, еден новинар може да остане слободен. Проблемот повеќе не ја интересира заедницата. Тој се однесува на индивидуата.
Токму тоа сакаме да го дефинираме овде. Условите и средствата преку кои, во самите пазуви на војната и нејзините слуги, слободата може, не само да биде сочувана, туку и манифестирана. Постојат четири начини за тоа: луцидност, одбивање, иронија и упорност. Луцидноста подразбира отпор кон повиците на омразата и култот на фаталноста. Во светот на нашите искуства јасно е дека се може да биде избегнато. Самата војна, која е човечки феномен, може во секој миг да биде избегната или сопрена со човечки средства. Доволно е да се познава историјата во последните години на европската политика за да се биде сигурен дека војната, која и да е, има евидентни причини. Ова јасно видување на работите ги исклучува слепата омраза и очајот кој неа ја овозможува. Слободниот новинар, во 1939 година, не е очаен и се бори за она што го смета за вистинско исто како оној чија што акција може да влијае на текот на настаните. Тој не објавува ништо што може да предизвика омраза или да провоцира очај. Сето тоа е во негова моќ.
Пред растечкиот бран на глупост, неопходно е исто така да се покаже одбивање. Оној што има барем малку чист дух ниту една пречка на овој свет нема да го направи да биде нечесен. За оној што има било какви познавања за механизмот на информацијата е лесно да биде сигурен дали една вест е автентична. Токму на тоа новинарот мора да го посвети сето свое внимание. Затоа што, ако не може да каже се што мисли, може да не го каже она што не го мисли или што смета дека е лажно. Слободниот весник се мери според тоа што го кажува исто онолку како и според она што не го кажува. Оваа сосема негативна слобода е најважната од сите доколку знаеме да ја сочуваме. Затоа што таа го подготвува доаѓањето на вистинската слобода. Според тоа, еден независен весник го дава потеклото на своите информации, им помага на читателите да ги оценуваат, одбива перење на мозоци, брише навреди, преку коментари ја спречува униформизацијата на информацијата и, накусо, и служи на вистината во човечката граница на својата моќ. Оваа мерка, колку и да е релативна, барем му дозволува да го одбие она што ниту една сила на светот не би можела да го натера да го прифати: да и слугува на лагата.
Така доаѓаме до иронијата. Како принцип можеме да кажеме дека еден дух кој има желба и можност да наметне пречки е нечувствителен на иронија. Тешко може да се замисли како Хитлер, ако го земеме само како еден пример помеѓу многу други, користи сократовска иронија. Иронијата останува оружје без преседан против оние што имаат премногу моќ. Таа го дополнува одбивањето така што дозволува не само да се отфрли она што е лажно, но често и да се каже она што е вистинито. Еден слободен новинар, во 1939 година, нема премногу илузии за интелигенцијата на оние што го притискаат. Тој е песимист за човекот. Вистината изговорена со догматски тон е цензурирана девет од десет пати. Истата вистина изговорена на пријатен начин е цензурирана само пет од десет пати. Ова прилично јасно ги покажува можностите на човековата интелигенција. Таа исто така објаснува како француски весници како Мерл или Канар Аншене можат редовно да објавуваат храбри текстови какви што сме виделе. Еден слободен новинар, во 1939 година, е значи по правило ироничен. Но, вистината и слободата се љубовници кои бараат многу бидејќи немаат многу љубовници.
Јасно е дека вака кусо дефинирана, оваа духовна состојба не може да биде ефикасно одржлива без минимум упорност. Пред слободата на изразувањето се ставени многу пречки. Најстрогите од нив не го обесхрабруваат силниот дух. Бидејќи заканите, забраните, судските процеси во Франција обично имаат ефект обратен од очекуваниот. Но ќе се согласиме дека има обесхрабрувачки пречки: издржливоста во глупоста, организираната млакост (млитавост), агресивната неинтелигенција и така натаму. Тука е големата пречка која мора да се победи. Упорноста е овде кардинална доблест. Преку необичен но интересен парадокс, таа на тој начин се става во служба на објективноста и толерантноста.
Еве значи една целина на правила за да се сочува слободата. А потоа?, ќе речете. Потоа? Да не брзаме. Ако секој Французин се потруди во својата област да го задржи она што го смета за вистинито и праведно, ако се потруди да го даде својот скромен придонес за задржување на слободата, ако се потруди да му пружи отпор на напуштањето и да покаже својата волја, тогаш и само тогаш војната ќе биде добиена во длабоката смисла на зборот.
Да, слободниот дух на ова столетие често со тешко срце ја покажува својата иронија. Што пријатно може да се најде во овој запален свет? Но доблеста на човекот е да се одржи соочен со сето она што него го негира. Никој не сака по дваесет и пет години да го повтори двојното искуство од 1914 и 1939 година. Значи треба да се испробаат сосема нови методи кои се правдата и великодушноста. Но, тие се јавуваат само во веќе слободни срца и луцидни духови. Обучувањето на вакви срци и духови, или поточно речено нивното будење, е скромната и истовремено амбициозна задача што му припаѓа на независниот човек. До тоа тој треба да се држи без да гледа напред. Историјата ќе ги запамети или нема да ги запамети неговите напори. Но тие ќе бидат сторени.
________________________________________
Вчера се навршија 100 години од раѓањето на Албер Ками, роден во француски Алжир на 7 ноември 1913 година и загинат во 1960 година во сообраќајна несреќа во Франција. Писател, филозоф, драматург, есеист но и новинар ангажиран во францускиот отпор и моралните битки по Втората светска војна.
Во новинарската работа Ками манифестира храбри позиции околу Алжир во времето на француската колонизација. Член на Комунистичката партија на Франција бил две години и ја напушта револтиран од советскиот тоталитаризам. Негова желба е да ги помири правдата и слободата, да се бори против сите видови насилство, да го брани мирот и мирната коегзистенција, да дава отпор, да поставува прашања.
Помеѓу триесетината романи на Ками најпознати се “Странец”, “Митот за Сизиф”, “Чума”, “Среќна смрт” или “Првиот човек”.
Ками е добитник на Нобеловата награда за литература во 1957 година а неговата репутација и влијание остануваат огромни во целиот свет.