Пишува Иво Босилков, докторанд на Универзитетот во Миланo
Во анкетите каде испитаниците се прашани што им е најбитно во животот, најчест одговор е нивното семејство и пред се, нивните деца. Тие се најскапоценото богатство, во кое многумина дури буквално го пронаоѓаат значењето на нивното постоење. Дали од перспективата на родител или дете, сите сме свесни дека љубовта на една мајка или татко кон своето чедо е неизмерна.
А сепак, таа љубов може да биде и токсична. Тргнувајќи од вродениот инстинкт да го заштитиме нашето потомство од заканите по неговата безбедност, несакајќи кај нашите деца конструираме ментална матрица според која, единствениот начин да се преживее во ваков опасен и хаотичен свет е покорување на авторитетите во него, пред се родителите, но и наставниците, директорите, полицајците и сите други општествени улоги кои се тука да го одржуваат редот. Почитувај ги постарите. Биди послушен. Однесувај се пристојно. Решението за сите животни предизвици е догматската претпазливост.
Ваквиот пристап е карактеристика на авторитарни личности. Со оглед на тоа што авторитарноста е метод за справување со несигурноста и анксиозноста предизвикани од конфузијата на секојдневието, сивилото на тоа наше секојдневие создава уште поповолни услови за развивање на авторитарниот менталитет. Проблемот со традиционалното воспитување кое овој менталитет го наметнува е што тоа успева да го постигне токму тоа што се обидуваме да го избегнеме, на некој начин делувајќи како себеисполнувачко пророштво.
Затоа што децата ни се толку важни, целосно се свртуваме кон нив, водени од хиперболизираниот морален наратив според кој “светот може да оди по ѓаволите, само детето да ми е здраво и живо”. Кон парадокс води ваквото поставување на заштитни ѕидови меѓу “нашите” и пеколот кој го претставуваат сите останати, како што вели Сартр. Порачувајќи му на нашиот подмладок дека од тој пекол смее да излезе само тогаш кога ќе разбере дека во него постојат правила што мора да се следат беспоговорно, ние ја му порачуваме да ја батали пошироката заедница.
За жал, со тоа „баталување“ дозволуваме секакви ликови да се издигнат до позиција на моќ (кои се најчесто одраз на сопствената авторитарност), а чиј талент е единствено осакатувањето на општеството.
Накусо, го уништуваме тоа што го сакаме.
Нема да навлегувам во тоа како овие неспособни и саможивни “елити” ја уриваат сегашноста. Последиците од нивното делување го чувствуваме катадневно во економијата, судството, услугите и многу други сектори.
Но, ако најважни ни се децата, вистинското прашање е: Како нивните активности денес влијаат на иднината. Од тој аспект, клучни се две сфери.
Прво, образованието, кое наместо да создава компетентни кадри и просветлени граѓани, прави полуписмени малограѓани. Македонските универзитети не можат ниту по грешка да се најдат на Шангајската листа, а пониските образовни нивоа со децении не се суштински реформирани да кореспондираат со потребите на модерните општества. Фактот што граѓаните на земјава се убедливо на дното во Европа по способноста за распознавање лажни вести е симптоматичен за оваа состојба.
Но втората, можеби дури и побитна сфера, е директно поврзана со здравјето на децата – животната средина.
Веќе и птиците кои останаа на оние дрва што останаа неисечени, знаат дека живееме во најзагадената држава во Европа. Во заблуда е секој кој мисли дека не се наоѓаме во вртлогот на една тотална еколошка криза, со запалени депонии на северозападот, рудници на смртта на југоистокот, дива окупација на бреговите од езерата и планирани хидроцентрали кои ќе го затнат доводот на реките во националните паркови. Ова е само почетокот на листата.
За обичниот родител, решението за овие два проблема со кои ќе се соочат неговите деца се состои во два збора – Европска унија. Само да влеземе во таа колевка на просперитетот и цивилизацијата, и Брисел магично ќе ги поправи состојбите во образованието и животната средина. Сепак, оние што сметаат дека ова е манифестација на колонијален менталитет грешат. Во прашање е повторно авторитарноста.
Македонија во однос на ЕУ ние ја гледаме како дете што гледа кон својот родител, кој ќе направи лошите чичковци да си одат. Но значењето на европското семејство е поинакво: тоа не е аналогија на односот меѓу родители и деца, туку меѓу браќа и сестри. Во таков однос, за да бидеш прифатен како еднаков, треба најпрвин да докажеш дека си таков. И тоа се коси со нашата авторитарна матрица, која по дефолт ја баталува заедницата. Токму поради тоа и погрешно го разбираме тој столб на обединета Европа, концептот на солидарност, како фрлање појас за спасување на давеник, а не фундаментална вредност, која го прочистува човековиот дух од егоизмот и цинизмот. Само ако прекинеме да се гледаме себеси како деца, а децата ги воспитаме да имаат отворен ум и да се грижат за заедницата, навистина ќе им покажеме дека ги сакаме.
Како можеме да го направиме тоа? Едноставно. Така што ќе им дадеме пример.

Утре е големиот протест на глобалното движење за борба против климатските промени, Fridays For Future. Како пред два месеца, Грета Тунберг и нејзиното неколкумилионско друштво ќе излезат на улиците на стотици светски градови за да побараат промена на курсот на цивилизацијата, пред климатските промени да доведат до нејзин распад. Собирите кај нас, во Скопје и Тетово, ги организираат мали групи на еко-активисти, кои тешко допираат до младите, забарикадирани во ригидниот школски систем. Родителите треба да ги земат своите деца и да им се придружат на овие собири, како што тоа го прават родителите во Европа со своите деца. Тоа е примерот што треба да им го дадат ако навистина ги сакаат.
Не случајно протестот на Fridays For Future е на ден пред евроизборите. Демонстрантите имаат намера да им дадат последен ветер во грб на прогресивните кандидати за европарламентарци, чиј евентуален пораз би можел да значи пропаст на сиот труд за нормализирање на ситуацијата со животната средина во иднина.
Кај нас европски избори нема, но затоа пак животната средина е во критична состојба. Сиот отров кој денес се натрупува во Македонија го забрзува чекорот кон климатскиот колапс, кој за две-три децении ќе го растури земјоделскиот систем и ќе предизвика апокалиптична борба за опстанок.
Ние немаме „коњ за трка“ во европските избори, но климатскиот колапс не прави дискриминација меѓу ЕУ членки и кандидати.
Утре имаме можност да им дадеме поддршка на Fridays For Future, и да покажеме солидарност со новите зелени сили во Европа, затоа што грижата за заедницата опфаќа поголем простор од Македонија. Во спротивно, авторитарната матрица ќе не одведе во бездната.





