„Согласно процедурите, Министерството за внатрешни работи се обрати до Министерството за правда и до надлежните судови, така што очекуваме во најкус можен рок да биде комплетирана целокупната документација и да биде доставена до органите на прогонот на Србија, кои треба да се произнесат за барањето за ектрадиција. Доколку биде одговорено позитивно, МВР со српското министерство ќе се договарат околу деталите за испорачување на лицето“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Според првичните информации на полицијата, Божиновски престојувал во еден или два стана во Нови Сад. Засега полицијата нема информации дека Божиновски има двојно државјанство и дека се бара за извршување на други кривични дела во Србија, ако има некои правни пречки за екстрадиција за тоа треба да биде известено Министерството за правда.
Од МВР не можат да кажат кога очекуваат да заврши екстрадиционата постапка бидејќи тоа не зависи само од нив, туку и од Министерството за правда, судовите во Србија и Македонија.

Вчера во 20.00 часот Зоран Божиновски, сопственикот на порталот „Буревесник“ бил приведен во Нови Сад по налог и потерница распишана од Интерпол со обвинување за злосторничко здружување и шпионажа, изјави за НОВА, Светлана Томиќ Јокиќ портпарол на Вишиот суд на Нови Сад.
Според неа, истражниот судија на полноќ го сослушал Божиновски и му одредил екстрадиционен притвор во траење од 30 дена.
Сега Вишиот суд во Нови Сад очекува во законски предвидениот рок од 18 дена, македонските власти да му достават барање за екстрадиција.
„Истото барање потоа ќе биде разгледано од Судскиот совет на Вишиот суд во Нови Сад, а одлуката на советот ќе му биде дотавена на министерството за правда на Република Србија по што истото ќе утрви како ќе се постапи понатаму“, објаснува за НОВА, Светлана Томиќ Јокиќ портпарол на Вишиот суд на Нови Сад.
Божиновски е осомничен за злосторничко здружување, шпионажа и уцена во случајот „Шпион“, во којшто се осомничени 20 лица. Во акцијата „Шпион“ беа уапсени поранешни и актуелни вработени во безбедносните служби, под сомнение за шпионажа.




