Според сознанијата на МВР, од Музејот на Македонија при вчерашната кражба се украдени 60 предмети кои недостасуваат во збирките кои ги должеле два кустоси, а главно потекнуваат од ископувања од Стоби и Исар Марвинци, изјави помошник министерот за односи со јавност во МВР Иво Котевски.
Станува збор за непроценлив накит: златни обетки, прстени, копчиња, приврзоци – сите со историска вредност.
Полицијата вчера извршила разговори со сите вработени во Музејот, а до вторник вработените во Музејот треба да се обидат детално да ја информираат полицијата околу наводите кои им се неопходни за натамошно водење на истрагата.
-Договорено е формирање на комисии кои би направиле соодветен попис на сите предмети кои се чувале во депото, за да видиме дали има и други предмети кои евентуално недостасуваат, а исто така да се направи и целосен увид во однос на лицата кои изминатиов период наназад имале пристап до депото и влегувале внатре, вели Котевски.
Вработените во Музејот треба да направат детален попис и да се утврди дали некој од вработените кој имал пристап до депото изнесувал или преместувал некои од вредните предмети во други кутии, бидејќи според МВР во објектот не е влезено насилно.
Котевски вели дека дали и колку се прекршени правилниците за работа во Музејот дополнително ќе се истражува откако до МВР ќе бидат доставени бараните информации.




