Ако ја занемарите содржината, типичниот ден на еден пишувач на лажни вести би бил како во секоја друга канцелариска професија. Тамара од Велес, секое утро го отворала својот лап-топ и добивала нов мејл со листа од осум текстови кои таа требала да ги измени и прераскаже во рок од неколку часови – пишува во текстот на Би-би-си.
Тамара за Би-би-си раскажува како ги преработувала фабрикуваните или лажните статии за две големи веб-сајтови со седиште во Македонија наменети за американските читатели. Нејзината работа била да објави полуплагирани примероци на статии кои првично биле објавени во американски екстремно десничарски сајтови.
Авторот од Би-би-си за да го заштити идентитетот на личноста со која разговара користи сменети имиња.
Приказната на Тамара со лажните вести започнува во април 2017 година кога добива телефонски повик од пријател кој и вели дека има можност да работи од дома и добро да заработи. По прифаќањето на оваа идеја, Тамара разговара со извесен Марко кој и ја нуди оваа работа.
Тамара која за себе вели дека има либерални гледишта била вознемирена од содржината на статиите кои требала да ги пишува.
-Верувам дека сѐ уште имаат најлоши статии, вели таа, отворајќи нов таб на нејзиниот лаптоп и отврајќи ја веб-страница од која редовно ја копира содржината. Како што можете да видите, јас само напишав „муслиманските напади“ и се појавуваа толку многу статии за муслиманите кои ги напаѓаат луѓето. Многумина од овие верувам дека не се ни вистинити, вели Тамара.
– Се обидов да направам граница меѓу моите ставови и тоа што го пишував. Гледав на тоа како на пишување зборови. Се обидував да не мислам дека пишувам пропаганда. Се потпирав на тоа дека ако луѓето се толку глупави за да веруваат во тие приказни, тогаш ги заслужуваат. Ако мислат дека тоа е вистината, тогаш можеби и го заслужуваат тоа како казна – вели Тамара.
Тамара заработувала по 3 евра од текст, достигнувајќи до 24 евра на ден.
Во декември 2017, Фејсбук избриша неколку страници со лажни вести. Меѓу нив бил и сајтот на Марко.
– Работев тој ден кога ја избришаа страницата на Фејсбук, се обидов да му пишам на Месинџер, но видов дека го избришале и неговиот профил, па затоа му се јавив да го слушнам, а тој беше шокиран – вели Тамара.
Потоа тие веќе немале никаква комуникација, се до минатото лето кога Марко повторно и се јавил за да ја повика да работи за друг сајт, но таа одбила.
Се уште не може да се докаже дали лажните вести од Велес беа поттикнати единствено од желбата на младите Велешани да заработат на грбот на американската политика, или постои поширока позадина.
Приказната на Тамара не го открива одговорот на оваа дилема, но ни открива дека младите луѓе кои ги пишувале овие лажни вести не заработувале толку многу колку што се мисли. Напротив, тие добивале само мал дел од профитот.
Авторот на текстот вели дека напуштајќи ја земјата и Балканот, размислувал колку е иронично што токму овој регион кој во минатото беше обликуван од поделбите меѓу луѓето, денес е дом на сајтови кои подгоруваат немир и поларизација преку океанот, во САД.




