Црна Гора и Македонија треба истовремено да станат членки на НАТО, смета политичкиот аналитичар од Вашингтон и експерт за Балканот, Даниел Сервер, во разговорот за Телевизија Црна Гора.
Според Сервер двете земји одат заедно, не затоа што зависат една од друга, туку бидејќи двете треба да бидат членки на НАТО.
-Црна Гора е блиску до исполнување на критериумите за членство во НАТО, но сметам дека Подгорица и Скопје треба истовремено да и’ пристапат на Алијансата. Никогаш не знаете кога ќе се отворат вратите на НАТО. Може да ги исполните сите услови, а вратата да не се отвора неколку години од политички причини, рече Сервер.
Сервер изрази надеж дека Германија, според него, треба да игра водечка улога на Балканот, ќе ја увиди предноста од членство на Македонија и Црна Гора во НАТО и дека ќе инсистира на тоа на самитот следната година во Лондон.
-Германија би требало да помогне во потенцирањето на тоа прашање зашто не можете да се потпрете на Американците кои треба да ги решаваат Иран, Сирија и Северна Кореја, истакна Сервер за Tелевизија Црна Гора




