Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски на барање на новинарите го кажа својот став за информацијата дека македонските власти ја добиле веста дека Австрија ја одобри екстрадицијата на претседавачот на Советот на општина Центар и претседател на општинската организација на СДСМ – Центар, Мирослав Шиповиќ.
За жал, рече Жерновски се случи тој преседан во земја на Европската Унија да биде уапсен по меѓународна потерница човек, не кој сакал да ја напушти земјата, туку кој што се враќал во земјата да се соочи со судските власти.
Цел месец, рече, се пролонгираше соочувањето на Шиповиќ со македонските судски власти и затоа земјата беше предмет на потсмев во австриските медиуми.
„Само власта знае зошто и’ беше потребна оваа епизода на Македонија да издаде меѓународна потерница за човек кој беше на пат за Скопје. Цел месец се изнаслушавме дека ВМРО – ДПМНЕ ќе биле конструктивни на централно и на локално ниво. Како и да е, доколку ВМРО – ДПМНЕ е конструктивна, нека го поддржат нашето барање – претседавачот на Советот на Центар да се брани од слобода. Само на тој начин ќе докажат дека се борат за правдата и искрено сакаат да се одблокира работата на Советот на општина Центар, каде што заслужено го добивме мнозинството, не во еден, не во два, туку во три изборни круга“, рече Жерновски.
Секојдневно, рече Жерновски, се консултираме за наредните чекори, но ќе почекаме да видиме што ќе се случува во наредниот период.
„Знаејќи какво беше сценариото досега, не ми останува ништо друго освен да се борам конечно и во Македонија да завладее правдата“, ова беше одговорот на градоначалникот на Центар на прашањето од новинарите дали власта ќе биде транспарентна и ќе го соопшти датумот на екстрадицијата на Шиповиќ.




