Уривањето на споменикот на стреланите скопјани е последен пример за несовесно и неодговорно однесување кон македонската историја и култура, смета Дарко Давитковски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Овој споменик веќе го нема до Камениот мост, на местото каде што на 13 ноември 1944 година германските фашисти за одмазда стрелале деветмина граѓани, случајни минувачи. Обележјето е урнато при изведувањето на градежните работи за новите објекти околу плоштадот Филип Втори“, изјави Давитковски.
Тој вели, сега нема каде да се положи цвеќе во чест на деветте загубени животи.
Давитковски праша „кому му смета слоганот“ под кои се бореле нашите предци во Втората светска војна „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ и кому му сметал спомен обележјето.
Тој ги обвини ВМРО-ДПМНЕ за бришење на најсветлите делови на македонската историја преку „расипничкото градење на мегаломански проекти со цел да се создаде нов идентитет на македонскиот народ“.
За споменикот на стреланите скопјани, кој беше симбол на последните жртви на фашистичкиот терор во Македонија, Давитковски потенцираше дека мора да има место во Скопје.




