Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ целосно го монополизираат прашањето за името. На тоа упатуваат нивните нервозни реакции, во врска со предлогот на СДСМ за политички консензус, едно од најважните прашања за Република Македонија. СДСМ го прашува премиерот Груевски, зошто бега од политички консензус во врска со спорот за името?
„Изградениот политички консензус по ова важно прашање ќе значи зацврстување на преговарачката позиција на Македонија и јасно исцртување на македонските црвени линии“, истакна Петре Шилегов од СДСМ.
Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како државата да е нивна приватна сопственост.
Па нели самиот Груевски постојано вели дека Грција има цврст став околу името затоа што има политички консензус во земјата?
Со противењето на премиерот за политички консензус околу спорот за името на нашата земја, легитимно се поставува прашањето, каков компромис за името прифатил Груевски и дали таквиот компромис им штети на македонските национални интереси?!
Шилегов потсети дека коалицискиот партнер на Груевски, Ахмети, само пред неколку дена изјави дека власта е блиску како никогаш до решавање на прашањето за името.
„Она што е исто така несфатливо е како експертите на ВМРО-ДПМНЕ дозволуваат да се девалвираат себе си, во медиумски настапи, во коишто се ставаат во улога на инструмент на Груевски, во бесмисленото поистоветување на поимите консензус и консезуална демократија. Секоја разумна влада поттикнува консензус за политички прашања што се од витален интерес за државата“, истакна Шилегов.




