Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески попладнево, ги отфрли предлозите на СДСМ од социјалната сфера што ги изнесе лидерот на СДСМ, Зоран Заев, оценувајќи ги како необмислени, несериозни, направени без анализи и податоци за начините на финансирање, јавува Телма.
– Социјалните мерки што денеска ги презентира Заев се уште една од серијалот нереални, брзо склопени предлози и пресметки без главните параметри. СДСМ уште еднаш покажа елементарно непознавање и отсуство на сериозен, аналитички пристап. Она што го предлага е веќе прочитана книга и нешто што ВМРО-ДПМНЕ практично го спроведува изминативе години, рече Ставрески.
Според него, она што го ветува Заев, никогаш не го направил, а ВМРО-ДПМНЕ континуирано го спроведува.
Зошто СДСМ во 1994 година ја укина мерката докуп на стаж до пет години ако сметала дека е добра, праша Ставрески.
– Дали Заев е добро информиран дека ваква мерка беше овозможена со законот донесен во 2012 година по барање на земјоделци и други лица. Шест месеци беше дадена можност луѓето да се пријават. Најбројни беа токму струмичките земјоделци и многу други граѓани од југоисточниот дел, преку 2.000 лица ја искористија таа можност, нагласи вицепремиерот.
Предлогот за заминување во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи, додаде, е сосема погрешен, анахрон модел, одамна напуштен, го нема во ниту една од европските земји, не одговара на актуелните состојби на социјалниот и општествениот статус на работниците во Македонија и реформите.
– Ако се оди со таков стаж, ако работникот почнал со 35 години, ќе треба да работи уште децениии ќе доживее поголема старост од сегашната граница 64 години за маж и 62 за жена, објасни Ставрески.
Владата во изминатите седум години, кога во Европа, сите земји буквално ја зголемуваа старосната граница за пензионирање, остана на веќе утврдената, 64 години за мажи и 62 за жени.
– Формулата што ја предлага Заев е сосема погрешна и има погрешна насока. Ќе придонесе луѓето да работат повеќе и да доживеат пооголема старост за да ја добијат заслужената пензија, рече Ставрески и додаде дека во 2003 година владата на СДСМ на пензионерите им закинуваше половина од индексацијата, им даваше само 40 отсто од трошоците на живот и 20 проценти од порастот на платите за фиктивно да им ги намали пензиите.
– СДСМ кога имаше можност да работи во корист на пензионерите и да им ги зголеми пензиите, не само што не го стори тоа, туку и ги намали пензиите за осум проценти и ги исплќаше во три групи закинувајќи по една пензија годишно во просек. Тоа пензионерите добро го памтат и добро знаат дека со ВМРО-ДПМНЕ пензиите се зголемени од 2006 до 2013 година за 50,1 отсто, посочи министерот.
Просечната пензија во август годинава изнесуваше 11.540 денари, а во септември 2006 беше 7.688 денари.
– Освен зголемувањето на пензиите, оваа Влада направи и многу други работи за подобар животен стандард на пензионерите што СДСМ не ги реализира, а имаше шанса. Ги намали цените на лековите, обезбеди бесплатен градски превоз, бесплатно лекување, бањска релаксација,… рече Ставрески.
Според него, Заев и во однос на социјалната и паричната помош предлага нешто што никогаш не го направил, додека ВМРО-ДПМНЕ веќе го стори.
– Вели дека 40 отсто ќе ја зголеми социјалната помош, но зошто тоа не го стори кога имаше можност? Токму од 2006 до 2013 година зголемувањето на сцоијалната помош е 40,5 проценти. Значи, она што се нуди како ветување, е веќе исполнето, потенцира вицепремиерот, набројувајќи ги и останатите мерки од социјалната сфера што Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги спроведе, додаде вице-премиерот Ставрески.




