Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува расправата за Предлог буџетот за 2014 година, за кој опозициските пратеници поднесоа 684 амандмани. Најмногу амандмани има од СДСМ – 316, НДП 178, ДПА 150, ПЕИ 33 и НСДП седум.
Државната каса за наредната година, според предлогот, ќе изнесува 176,5 милијарда денари.
Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори.
И на приходната и на расходната страна има зголемување за 7 проценти во однос на годинашниот буџет. Буџетот е изготвен врз основа на проекција за раст на БДП за следната година од 3,2 проценти и инфлација од 3,3 проценти. Нивото на буџетскиот дефицит, според проекците, ќе изнесува 3,5 проценти.
Вчера премиерот Никола Груевски беше дециден: Не посакувам и се надевам дека нема да се повторат настаните и опозицијата ќе има доволно свест и разум и ќе извлече поука од минатото.
„Наспроти кажувањата на владата дека догодина ќе настапи подобрување во економијата, според Предлог буџетот за 2014 година, единствените три нешта коишто навистина ќе продолжат да растат се: задолжувањето, бројот на прекршочни казни и раскалашеното трошење на власта“, изјави пред два дена Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.
Според него исто како и во 2012 и 2013 година, ќе продолжат да опаѓаат реалните плати, односно ќе опаѓа куповната моќ на населението. Тоа е, накратко, целата прикаска за буџетот за 2014 година, смета Узинов.




