На пакувањата од кесичките со прашок за раствароње „Kaffetin COLDmax “ против настинка и грип, има два различни датуми на рокот на траење, реагираа граѓани во редакцијата на НОВА.
Тие донесоа кесичка, на која случајно откриле дека позадината од пакувањето, со тегет боја, всушност е налепница на која пишува дека рокот на траење е до 12. 2014 година. Но, кога ќе се подигне налепницата на која уредно ги пишува сите останати податоци за производот, се појавува датум според кој производот има рок на траење до 12.2013 година.
-Иако рокот сеуште не е истечен ова ги збунува потрошувачите велат нашите соговорници кои не контактираа во редакцијата.
Тие тврдат дека биле збунети и фармацевтите во аптеката каде што го купиле препаратот, кога се обратиле да прашаат за што се работи .
НОВА побара одговор од производителот, фармацевската компанијата Алкалоид АД Скопје.
Оттаму добивме соопштение со кое ги известуваат потрошувачите дека според правната регулатива е извршена промена на рокот на траење од две, на три години на сите досега произведени серии кои се во промет.
-Но, поради тоа што се работи за специфичен препарат кој е во форма на прашок, а не за таблети, содржината не е извадена од кесичките, туку на нив е ставена налепница на која ги пишува сите детали за производот вклучуваќи ја и промената на рокот на траење објаснуваат од компанија.
Промената е извршена согласно одобрението на Бирото за лекови –Промена на одобрение за ставање во промет бр.15-1294/12 од 23.03.2012 година издадена според ЕУ правилникот бр. 1234/2008. Рокот на траење на сериите е до 12. 2014 година. Истата промена е направена и во ЕУ пазарите согласно ЕУ процедурата UK/H/4711/001/IB/001 одобрение од 5.09 2012 година. Промената е направена во сите земји членки на ЕУ, како што се Англија, Романија, Словенија, Хрватска и Бугарија.
За оваа настаната промена Алкалоид АД Скопје ги известил своите потрошувачи, пред една недела во дневните весници во Македонија.
-Со ова Алаклоид АД Скопје останува доследен во исполнувањето на највисоките стандарди во фармацевската индустрија во Европа (EU-GMP) и им го гарантира квалитетот на потрошувачите, како за овој, така и за останатите производи во Македонија и во извозните пазари, се вели во соопштението на компанијата.





