Од денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ остана нејасно за кои успешни проекти говори ВМРО-ДПМНЕ во образованието, реагира СДСМ, по критиките на владејачката партија дека плановите за реформи во образованието најавени од Заев- се ширење на популизам.
-ВМРО-ДПМНЕ за успешен проект го смета екстерното тестирање, „реформа“ чие насилно спроведување создаде комплетен хаос во образовниот процес, психолошки и професионални стресови кај наставниците, учениците и родителите?
Дали можеби за проектот компјутер за секое дете за кој се потрошија милиони евра а комјутерите во огромен процент не се ни приклучија и не профункционираа, а многу од нив се или украдени или исчезнати, без притоа да бидат откриени сторителите?
Дали ВМРО-ДПМНЕ сака да се фали со проектот бесплатен учебник? За потсетување, рокот за користење на чебниците владата го продолжи од 3 на 5 години заради немање средства и необмисленост на проектот. Учениците учат од стари, искинати, неупотребливи учебници со што е нарушено достоинството на секој ученик што учи од вакви учебници.
Или последниот реформски бисер предметот математика да биде задолжителен предмет при полагање на матура и за оние кои што ќе се запишат на природни науки?
Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ сакаше да покаже грижа за студентите зошто не ја прифати иницијативата на СДСМ и не дозволи бесплатен превоз за сите редовни студенти што студираат во Скопје?
Ова се само дел од „спектакуларните“ проекти на ВМРО-ДПМНЕ во образованието. Просветните работници, учениците и студентите точно знаат какви трауми доживуваат под притисок на „реформите“ на ВМРО-ДПМНЕ, соопштува СДСМ.




