Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев денеска кажа дека Советот одлучувал по барањето на Антикорупциската комисија и утврдил дека тој нема одговорност во постапката на вработување на неговата внука. Штерјев исто така наведе дека „ е индикативно што Антикорупциската комисија кога одлучуваше за баџанакот на Претседателот на Собранието утврди дека тоа не било роднинство од втор степен, а тука се работи за подалечна роднина“ и побара од Антикорупционерите да бидат доследни во своите одлуки.
Антикорупциската комисија утврди судир на интереси кај претседателот на Советот на обвинители Коле Штерјев затоа што не се изземал кога на седница на Советот се гласало за внуката на неговата сопруга да стане обвинител. Иако тој јавно на седницата кажал дека Ѓорѓиева е внука на неговата сопруга, не се изземал од гласањето и не ја напуштил седницата туку гласал воздржано. Со своето присутво обезбедил кворум за гласање.
Во однос на Законот за јавно обвинителство, Штерјев го коментираше и мислењето на Врховниот суд за постапките преземени од СЈО по 30 јуни 2017 година и кажа дека „со ставот Врховниот суд како да излезе од законскиот текст на СЈО, но мислењето е обврзувачко“.





