Спорот за името меѓу Македонија и Грција нема да биде во фокусот на американската дипломатија ниту во мандатот на новата американска помошник државна секретарка за Европа, Викторија Нуланд.
При претставувањето на своите приоритети, Викторија Нуланд вчера рече дека во минатото лично вложила многу енергија во надминување на спорот меѓу Македонија и Грција, но во овој момент одлуката е на двете држави, а не на САД.
-Во врска со Македонија, и јас самата во минатото, особено во 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт, лично ги засукав ракавите. Се сеќавам и како се среќавав со премиерот Груевски и со грчките водачи во мојата дневна соба, кога се обидувавме да го решиме спорот. Верувам дека има две или повеќе формулации кои би требало да можат да бидат прифатливи за двете страни.
Според неа се работи за дијалог, лидерство и избор, меѓу двете страни и вели познати се предностите ако Македонија и Грција успеат да дојдат до договор.
„Секако, ќе продолжиме да го поддржуваме процесот на Нимиц, да навиваме за решение, но само вие можете да донесе соодветна одлука, изјави Нуланд, која беше американски амбасадор во НАТО за време на самитот во Букурешт и со тоа директно вклучена во разговорите за прием на Македонија.




