Пратеникот на СДСМ, Јани Макрадули на денешнaта расправа по Предлог-буџетот за 2014 година, во собраниската Комисија за финансирање и буџет ја коментираше изјавата на премиерот Никола Груевски дадена во Љубљана- „И без и со датум во декември ќе изгрее Сонцето“:
– Прво, се прашувам дали можеби може да го запре да изгрее сонцето со своето диктаторско однесување, но тврдам дека со сигурност ќе ги огрее прозорците на двата стана на министерката Гордана Јанкулоска, фирмата на братучедот во Чешка, земјата на Смиленски, банките и компаниите на Орце, кој за три години купи девет компании, но и златните покриви на криминалните згради од Скопје 2014.
Сепак, најмногу од сè отсјај ќе има од „бентлито“ на Субрата Рој и низата белосветски криминалци, кои ќе им ги бодат очите на граѓаните, кои чекаат еднаш годишно да јадат на мостот или оние чии 235.000 високообразовани деца се во странство, рече Макрадули.
Буџетот ќе се полни со седум милиони евра повеќе казни, кои ќе бидат земени од граѓаните, додаде тој:
– Почитувани граѓани, парите кои ќе ви ги земат ќе бидат потрошени за вистинскиот шампањ и црвениот килим и бесплатната земја на плоштадот за Субрата Рој, ама и за лажните трактори. Вие го плаќате закупот на земјиштето на голем број скриени домашни инвеститори – рече Макрадули.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески му реплицираше на Макрадули:
– Ќе ја кажам само изреката на Мартин Лутер Кинг: Не дозволувај некој да те повлече да зборуваш со омраза, зашто ќе го мразиш.
Лани дискутиравте за колапс, дека ќе нема плати, пензии и што се случи? Имаше плати, пензии, имаше субвенции. Владата на ВМРО-ДПМНЕ има остварено инвестиции од 1,2 милијарди евра, а СДСМ само 400.000 евра.
Макрадули со одговор- дека во Ставревски сега го гледа филмот „Убиецот се враќа дома“.
– Да, имам омраза зашто ќерка ми ме гледаше на телевизија како ме влечка полиција, но ќе дојде денот кога и твојата ќерка ќе те гледа како те влечка полицијата. Имам омраза зашто те примав дома, јадеше кај мене, а после ми викна полиција да ме влечка, рече Макрадули.
Владата треба да организира акции со кои граѓаните, по угледот на олигарсите од ВМРО-ДПМНЕ ,ќе се богатат, додаде Макрадули:
– Направете кампања „Како до стан од 62 квадратни метри за 62.000 евра“, „Како да живееш на Водно“.
Го повикувам Антонио Милошоски со камерата сега да го снима филмот за становите и куќите во Бардовци, за скапите коли, фирмите на сегашните богаташи, да им помогнете на граѓаните како да се збогатат, рече Макрадули.




