Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите ја отфрли жалбата на Министерството за здравство кон „Нова ТВ“ и утврди дека е неоснована и нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.
Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 24 јуни 2019 година, врз основа на примена жалба од Министерство за здравство на Република Северна Македонија, ја донесе следната одлука:
ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА, а Интернет – порталот „Нова ТВ“, со текстот насловен „ОЈО го затвори случајот за јавните набавки во Министерството за здравство“ не ги прекршил професионалните и етичките стандарди, стои во Одлуката на СЕММ.
Министерството за здравство поднело Жалба до Советот за етика на медиумите за девет текстови на Интернет – порталот “Нова ТВ“, објавени минатата година, но Комисијата утврдила дека се надлежни да постапуваат за еден од нив.
„Комисијата констатираше дека жалбата која се однесува на останатите осум текстови е задоцнета и ги има надминато предвидените рокови, согласно процедурата за работа на Комисијата. Имено, според членот 5 од Правилникот за работа на Комисијата, жалба може да се поднесе во рок од 30 дена откако е објавен новинарскиот текст/прилог. Во конкретниов случај, осумте оспорени текстови на „Нова ТВ“ се објавени поодамна, односно во периодот од 20 јули до 17 август 2018 година“ се вели во образложението на Комисијата.
Од тие причини Комисијата ја земала предвид само жалбата која се однесува на текстот кој е во рамките на предидените рокови, насловен „ОЈО го затвори случајот за јавните набавки во Министерството за здравство“, објавен на 10 мај 2019 година.
„Членовите на Комисијата утврдија дека текстот не отстапува од етичките и професионални стандарди, зашто станува збор за дословно пренесена информација од официјално соопштение на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во однос на наводни неправилности при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство“, се вели во Одлуката на Комисијата.
Министерството за здравство поднело жалба и за Фејсбук статусите на новинарката Менче Атанасова Точи за работата на министерот за здравство Венко Филипче, но од Советот за етика на медиумите велат дека не се надлежни да постапуваат за статуси на социјалните мрежи.
„Во однос на жалбените наводи на подносителот на претставката околу критичките ставови на новинарката Менче Точи за работата на Министерството и министерот Венко Филипче, изразени на „Фејсбук“, Комисијата информира дека социјалните мрежи не се во доменот на нејзините надлежности. Во согласност со членот 3 од Правилникот за работа, Комисијата за жалби ги разгледува сите пристигнати жалби поврзани со кршење на професионалните и етичките стандарди во пишаните (печат и новински агенции), електронските (ТВ и радио)и во интернет медиумите во државата“, се вели во Одлуката на Комисијата за жалби.
Министерството за здравство до извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 14 мај 2019 година, поднело жалба за девет текстови, објавени во периодот од 20 јули 2018 година до 10 мај 2019 година, на Интернет – порталот „Нова ТВ“.
Од Министерство за здравство се пожалиле дека во изминатите неколку месеци медиумот објавил низа текстови поврзани со јавните набавки на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи, набавка за биореагенси и тестови на крв, изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип и за наводен судир на интереси при јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија. Министерството за здравство се повикува на предистражната постапка на Јавното обвинителство, кое не утврдило неправилности при предметните јавни набавки и затоа сметаат дека медиумот објавил неточни информации и побарале новинарот е да се извини за нанесените клевети.
„Како резултат на овие објави во медиумите и Јавното обвинителство покрена постапка по допрен глас. Минатата недела се огласи и ОЈО, објавувајќи дека нема место за јавно обвинителска интервенција во предметот за јавните набавки во Министерството за здравство. И покрај тоа, медиумот, а ниту новинарката Менче Точи не се извини за нанесената клевета и пласирање на неточни информации, ниту доМинистерството, ниту до министерот“, велат од Министерството за здравство во поднесената жалба.
Но, не само до Советот за етика во медиумите, Министерството за здравство поднело Жалба и до Етичката комисија при Здружението на новинарите на РСМ, но и таа е одбиена како НЕОСНОВАНА бидејќи, како што велат во образложението, истражувањата не се косат со Кодексот на новинарите.
НОВА ТВ ќе продолжи и во иднина да пишува и истражува за сите теми кои директно ги засегаат граѓаните.




