Транспарентност Македонија срдечно ја поздравува поддршката на 177-те земји
членки на ООН кои гласаа за прием на Република Македонија во Советот за
човекови права на ООН со мандат на две години. Членството во ова престижно
тело на ООН несомнено претставува можност за Република Македонија активно да
работи на полето на промоција и заштита на човековите права и нивно
унапредување.
ТМ би сакале да ја потсети јавноста, но и властите во РМ дека членството во ова
тело во ниту еден момент не претставува признание за досега сработеното во
полето на човековите права односно реалната слика е многу поинаква.
– Сведоци сме на прекршување на основните човекови права во сите сфери од
општественото живеење. Целосна партизација на државата, поделба на граѓаните
по разни основи, притисоци врз медиумите и ограничена слобода на изразување,
противзаконско прислушкување и повреда на пресумпцијата на невиност, постоење
на партизирани и неефикасни државни органи, непостоењето на механизми на
заштита на човековите права и слободи, односно нефункционирање на судската
власт, недолични апсења и сурови полициски третмани, брутално запл ашување на
обичниот народ кое резултира со страв за изразување на сопствен став и мислење
итн.
– За да станува збор за почитување на човековите права, најпрвин треба да живееме
во демократска држава во која постои политичка волја и свест проследена со
почитување на принципите на владеење на правото, а ваквата состојба сеуште е
идеал кој за жал Република Македонија не се стреми да го оствари.
– Ја поттикнуваме Владата на Република Македонија, како најодговорен фактор во
општеството, да започне да презема конкретни чекори во насока за најпрвин
остварување на човековите права, па понатаму и постигнување напредок во оваа
област, се вели во соопштението на Транспарентност Македонија.
Транспарентност Македонија воедно сака да укаже дека за членството на
Република Македонија во Советот за човекови права на ООН предупредија и 40
странски организации за заштита на човековите права кои изрично потенцираа дека
земји одговорни за непочитување на човековите права не смеат да бидат дел од ова
тело.




