Од денес почнува вакцинацијата со двете нови вакцини против рота вирус и пневмокок, кои влегуваат во редовниот календар за имунизација за бебињата и децата. Вакцините се веќе дистрибуирани во вакциналните пунктови и родителите може да почнат да ги носат децата на вакцинација, порачуваат од Комитетот за имунизација.
Вакцината против рота вирусот ќе се дава орално во три дози со ставање капки во устата на детето и тоа на возраст од шест недели до 32 недели. Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци.
Третманот на пневмококни инфекции со антибиотици не е толку ефикасен, поради големата отпорност на бактеријата кон антибиотици, затоа вакцинирањето е најдобриот начин детето да се заштити.
Пневмококната вакцина се дава интрамускулно.
Инаку, од почетокот на јануари годинава кога беше прогласена епидемија на мали сипаници, вакцината ја примиле над 30.000 лица, а заболеле 1.833 лица. Поради компликации од морбилите четири деца починаа. Епидемијата стивнува, но се уште важи забраната за посета во болниците и мерките за задолжителна вакцинација на невакцинираните и медицинскиот персонал.




