Либерално-демократска партија го осуди вчерашниот немил настан, кај Стајковци во автобусот бр.65 и ја повика министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, веднаш да преземе мерки за да се откријат сторителите и мотивите за целосно да се расчисти инцидентот. Од ЛДП предупредуваат дека секое нерешавање на инцидентите од ваков тип претставува поттик за нови насилства, кои можат да заземат непосакувани размери по безбедноста во земјата.
„Суровото претепување на осумте средношколци, од група на хулигани вооружени со безбол палки, претставува сериозна закана за безбедноста на младите луѓе без разлика на нивната етничка припадност. Особено загрижувачки е што ваквите режирани инциденти се дел од вешто осмислен проект со кој се нарушуваат и онака кревките меѓуетнички односи и претставуваат сериозна закана за Македонија“, пишува во соопштението на ЛДП.
Оттаму прашуваат кој ќе профитира од овие инциденти и дали преку нив се сака да се одвлече вниманието на јавноста од катастрофална економска состојба во земјата.




