Денеска, министерот за надворешни работи, Никола Попоски имаше обраќање пред Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија при што информираше за најзначајните постигнувања во доменот на надворешната политика во тековната 2013 година и ги изложи главните активности за 2014 г.
Значаен дел од неговото обраќање опфатија и односите меѓу Република Македонија и Европската Унија. Со задоволство констатираше дека Европската комисија со последниот октомвриски Извештај, уште еднаш, потврди дека Македонија продолжува да ги исполнува Копенхашките критериуми за почеток на пристапните преговори.
„Очекуваното добивање на датум за почеток на преговорите на декемврискиот Самит не само што би го забрзало консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија, туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата како мериторен процес базиран на цврста условеност“, рече министерот Попоски.
Активностите на Министерството во претстојниот период ќе бидат насочени кон интензивиран дијалог со институциите на Унијата и земјите-членки, спроведување на институционалните подготовки за отпочнување на преговорите за членство, натамошно ефикасно спроведување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и учество во активностите за усвојување на релевантно европско законодавство во контекст на преговорите за членство, како и преземање на институционални и правни подготовки со оглед на специфичните надлежности на Министерството кои произлегуваат од учеството на Македонија во Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Што се однесува до добрососедските односи и регионалната соработка, Министерот потсети дека Европската Комисија отсекогаш ја препознавала и високо вреднувала нашата конструктивна улога во билатералните односи со соседите и активниот ангажман во регионалните иницијативи. Македонија ќе продолжи да дејствува проактивно во таа насока и понатаму ќе покажува флексибилност, отвореност и активно ќе работи на изнаоѓање на соодветни решенија заради надминување на евентуалните отворени прашања со соседите. Во овој контекст, Министерот потенцираше дека оценката за македонскиот придонес и посветеност кон добрососедските односи не треба да се базира и сведе само на наметнатиот спор за името. Блокирањето на нашето европско, но и евроатлантско интегрирање, не само што ги поткопува македонските интеграции, туку го поткопува и кредибилитетот на Унијата и на процесот на проширување.
Министерот Попоски се осврна и на билатералните односи со европските и воневропските држави. Нагласи дека се остварени голем број посети и средби на разни нивоа со политичка, но и економска димензија, усогласени се низа проекти, потпишани договори и проектирани идни активности со цел градење на развиена соработка и пријателство, што непосредно резултира со јакнење на меѓусебната доверба. Република Македонија високо ја цени нивната конструктивност и солидарност на планот на реализирањето на стратешките определби на Македонија за ЕУ и НАТО-интеграција.




