„Една од изјавите на министерот за образование беше дека укинувањето на екстерното оценување е тотална грешка. Јас би сакал да му одговорам на министерот за образование дека самиот тој е тотална грешка на владејачката партија, заедно со сите три-четири министри за образование што се сменија и секој нареден од нив беше потпросечен или послаб од претходниот. Тоа предизвика ВМРО-ДПМНЕ во образованието да направи стратешки грешки“, изјави денеска Петар Атанасов, член на Извршен одбор на СДСМ.
– Сите големи проекти им се големо промашување. За министерот за образование е успех што купува столчиња и клупи за основните училишта, но тоа е тековна работа. Стратешките грешки навистина му штетат на образовниот процес.
– Што се однесува до нападот дека ние имаме намера да го затвориме штипскиот универзитет, тоа не е точно. СДСМ во новата политичка програма ќе се обиде овој државен универзитет да го направи меѓународно конкурентен. Но, тоа не значи дека не можеме да ги критикуваме слабите страни на овој универзитет. Има две големи слаби страни, и тоа: предимензионираност и мал квалитет на неколку студиски програми, рече Атанасов.
Тој му одговори и на пратеникот Антонио Милошоски – да не ја замајува јавноста дека нашите мерки во образованието се нереални или неостварливи. Сите пет мерки кои ги промовиравме пред два дена, а кои претставуваат стратешки цели, целото нивно чинење е само една третина од парите кои ВМРО-ДПМНЕ ги фрли на проектот „Компјутер за секое дете“.
„Ниту има компјутери, ниту има компјутерски училници, што значи дека тоа се апсолутно лошо потрошени пари“, истакна Атанасов.




