Министерството за образование и наука, констатира дека членовите на Социјалдемократскиот сојуз го достигнуваат дното кога е во прашање начинот на изразување пред јавноста.
Атанасов: Ниту има компјутери, ниту има компјутерски училници
– СДСМ изнесе куп лаги и клевети кои немаат врска со реалноста. Дали е промашување зголемувањето на буџетот од 2006 година до овој момент за 60%? Дали е промашување изградбата на нови 45 основни и 6 средни училишта во Република Македонија, како и санацијата и опремувањето на повеќе од 260 училишни објекти? За разлика од времето на СДСМ кога учениците седеа во истите клупи во коишто седеле нивните родители… Или пак, проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали? Дали се промашување бесплатните учебници за сите ученици во земјата? Или бесплатниот превоз? Нешто што во времето на СДСМ беше луксуз за секое семејство. Дали е промашување зголемувањето на достапноста на високото образование преку отворањето на нови универзитети, факултети и дисперзирани студии во речиси секој град и намалувањето на партиципацијата за студентите не претставуваат никакво промашување. Отворањето на нови, најсовремени лаборатории наменети за практично усовршување и надградба на студентите, но и за задоволување на потребите на бизнис заедницата? Дали е промашување проектот за превод на 1000 книги од кои се учи на најпознатите универзитети во светот?, стои во реакацијата на Министерството.
Оттаму сметаат дека СДСМ за промашување го прогласиле и екстерното тестирање, а потоа се поколебле.
„Свесни дека тоа е процес којшто постои во многу европски земји и којшто кај нас значи крај на ерата на неправично оценување започната во деведесетите, заедно со транзицијата во која многумина од нив, непосветеноста и негрижата кон сопствените деца ја компензираа со купување оценки и притисоци врз наставниците и професорите. Дали е промашување и грижата кон наставниот кадар, преку трансформација на работниот однос на 6267 наставници кои работеа на определено време, како и покачувањето на нивните плати за околу 40%? Долга е листата на дела“, стои подолу во реакцијата.
Од Министерството за образование и наука нагласуваат дека сите овие проекти се реализирани само во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт а ќе било поинаку доколку СДСМ барем толку инвестирале во образованието.
– За жал во време на СДСМ не беа издвоени ни десетина од парите кои денес се двојат за капитални инвестиции во образованието во Македонија. Во време на СДСМ образованието беше недостапно за сите. Илјадници македонски студенти бегаа во странство да се образуваат затоа што студирањето во Македонија беше екстремно скапо. Во нивно време немаше бесплатно средно образование а уште помалку бесплатен превоз и бесплатни учебници. Училишните згради не беа ниту реновирани, а камо ли да беше изградено некое основно училиште, обвинуваат од Министерството




