Поради топлотниот бран што ја зафати нашата држава, прогласена е жолта алертна фаза во која важат препораките за сите граѓани од топлото време. Доколку се прогласи портокалова фаза тогаш на сила стапуваат препораките кои вклучуваат да не одат на работа бремените жени и хронично болните и да не се работи на отворено во одредени временски период.
Сепак, со оглед на топлотниот бран што ја зафати државата и надминувањето на температурите над 35-тиот степен, од Синдикатo бараат веднаш да биде донесена одлука за прогласување на вонредни услови со цел заштита на специфичните категории на работници како што се бремените жени, повозрасните работници и оние кои работат на отворено.
„Со оглед дека временските услови се неповолни за работа на отворено, како и во неклиматизирани простории, ставот на ССМ е од страна на Владата на Република Северна Македонија веднаш да биде донесена одлука за прогласување на вонредни услови, со цел заштита на специфичните категории на работници меѓу кои бремени жени, повозрасни работници, како и работници кои работат на отворено или во специфични услови. Потребата од итно носење на ваква одлука произлегува од фактот што препораките немаат обврзувачка сила, а при тоа потребно е да се зголемат контролите на Државниот инспекторат за труд, со оглед дека само мал број на работодавачи постапуваат за заштита на работниците од временските неприлики, велат за МИА од Сојузот на синдикати на Македонија.
Најзасегнати се градежните работници кои работат на отворено. Затоа, од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП бараат работниците да не се изложуваат на отворено, под директно сончево зрачење од 11 до 17 часот.
Ваквото барање, како што информираа, го доставиле до Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Органзиацијата на работодавачи
Според синоптичарите, топлото време ќе продолжи и во првите денови од следната недела.




