Нов министер за надворешни работи на Грција е Никос Дендиас.
– Надворешната политика не е соодветна за партиски конфронтации, ние како Влада ќе се стремиме кон најголем можен консензус, рече Дендиас за време на преземањето на функцијата од неговиот претходник, Јоргос Катругалос во Министерството за надворешни работи на Грција.
-Надворешната политика не е соодветна за партиски конфронтации. Би сакал да ги уверам и господинот Катругалос и неговите соработници и сите вас, дека Владата на Мицотакис ќе се стреми кон консензус во надворешната политика, со цел најголема можна национална обединетост во врвното прашање на одбрана на правата на земјата, рече новиот шеф на грчката дипломатија и додаде дека заедно со неговите соработници, двајцата заменици министри и алтернативниот МНР ќе работат на одбрана на интересите на земјата.
Во кусата изјава, Дендиас, не се осврна конкретно и детално на прашањата од грчката надворешна политика.
-Немам намера да го искористам обраќањето на ритуалот за изразување став за суштината на широките и сложени прашања на нашата надворешна политика, рече Дендиас, пренесе МИА.
Сега веќе поранешниот шеф на грчката дипломатија во говорот го спомена и Договорот од Преспа.
-Се обидовме и мислам дека успеавме да го направиме посилен и повеќе да се почитува гласот на татковината, да се гледа дека решаваме проблеми, дека не сме само демократска и стабилна земја, туку извозник на стабилност од Балканот и Договорот од Преспа, до Источниот Медитеран, рече Катругалос и го потсети неговиот наследник дека првата голема битка ќе ја има на 15 јули во Советот на министри за надворешни прашања.
Кој е Дендиас
Адвокат по професија, активен во Нова демократија уште од студентските денови, за првпат избран за пратеник во 2004, зад себе има искуство во четири министерства, а пред изборите беше координатор на пратеничката група на тогаш опозициската партија. 60 годишниот Дендиас во Грција важи за искусен и умерен политичар.
Во минатото, доста активен во грчките медиуми, ги пренесуваше неговите ставови и позиции. Кога протестите за т.н. „македонско прашање“, беа актуелна тема во Грција, тој, јавно го изразеи неговиот став „против“, бидејќи сметаше дека „искуството покажало дека демонстрациите никогаш не помогнале во промоција на националните прашања на корисен начин“.
Тој досега неколку пати изјави дека Грција и Нова демократија се против ревизионизам на договорите, но и дека Договорот од Преспа е проблематичен во делот за јазикот и државјанството.
Никос Дендиас е роден на островот Крф, студирал на првниот факултет во Атина, а магистрирал во Лондон, специјализиран е во две области: морско право и криминологија.
Во Нова демократија е активен од 1978, бил член на подмладокот на партијата, во 2004 за прв пат бил избран за пратеник. Оттогаш, на сите следни избори одново добива доверба од граѓаните. Во периодот од јануари до октомври 2009 беше министер за правда, а откако Нова демократија, како коалициска влада со ПАСОК и Демократската левица, повторно се врати на власт во 2012, Дендиас две години (од јуни 2012 до јуни 2014) беше министер за цивилна заштита. Оттаму замина во Министерството за развој, а по пет месеци, се пресели во Министерството за одбрана, каде што остана се до изборите во 2015.
Од јануари 2016 е еден од координаторите на пратеничката група на Нова демократија.
Дендиас е женет и има двајца синови, а говори англиски и италијански.
Кој е ставот на Дендиас за Преспанскиот договор
Дендиас изразени јавно, како во предизборниот период така и претходно во однос на Договорот од Преспа и нашата земја.
Неговите позиции се во насока дека решението веќе постои, договорот не може да се поништи, бидејќи тие како партија се против ревизионизам на договорите, но дека може да се подобри во одредени делови, а често го споменуваше и ставот дека доколку владата на Ципрас додека ги водеше преговорите ги консултираше и побараше помош од нив, решението ќе беше многу подобро за Грција.
При учеството во дебатна емисија на државната телевизија „ЕРТ“ минатата седмица, одговарајќи на прашањето како тој како министер за надворешни работи на Грција, би ја нарекувал соседната земја – Северна Македонија или Скопје?, Дендиас рече дека „Мицотакис го кажал јасниот став, земјата има континуитет, а Грција не поддржува ревизионизам на договорите“.
Дендиас објасни дека тие како партија она што би сакале да го направат е да постигнат промени на некои од одредбите преку, како што рече, „преговори со другата страна“.
– Постојат прашањата за јазикот и за националноста или државјанство, како сакате наречете го. Овие работи треба да се обидеме да ги подобриме. За ова, бидејќи како оружје ги имаме преговорите со Европската Унија, ќе направиме обиди, рече пратеникот од Нова демократија и објасни дека тоа не значи дека 100 проценти ќе успеат, туку дека ќе се обидат.
Тогаш, додаде дека „договорот ги решава историските теми“ и тоа е нешто што тие може да го задржат онака како што е, а како позитивен го спомена членот 7 и истакна дека „не постои политичар од Нова демократија кој поддржува промена на границите на Балканот“.
За можностите за подобрување на договорот во европски рамки, во улога на кандидат за пратеник од Нова демократија, говореше на 1 јули во интервјуто за „Еуроњуз“ на грчки јазик.
– Ќе разговараме со нашите европски партнери и пријатели, да видиме каде се проблемите и како можеме да ги решиме. Ние сакаме добри односи со Скопје, па оттука и да им помогнеме на нивниот европски пат. Која би била „замената“, под наводници? Подобрување на проблемите во Договорот од Преспа, објасни Дендиас.
На два дена пред изборите, говорејќи за радиото „Real fm“, Дендиас рече дека тие како влада нема да го поништат Договорот од Преспа „бидејќи тоа не може да се случи“.
– Нашиот став не е дека не требаше да се реши прашањето, нашиот став е дека можеше да се реши на многу подобар начин, ако владата побараше помош и соработка од нас. Не го стори тоа, рече тој.
За време на расправата во Парламентот за ратификацијата на Договорот од Преспа во јануари годинава, Дендиас праша зошто во графата за државјанство постои „Македонец/граѓанин на Северна Македонија“, а не „Северномакедонец“, но и како владата е сигурна дека ако „бевме сите заедно во овој обид немаше да постигнеме подобар резултат“.
– Дискутираме за пропуштена можност. Од страна на Скопје, конечно постоеше соговорник, постоеше меѓународниот фактор, решен да го убеди Скопје за да се реши проблемот. Штета е што во овој апсолутно поволен меѓународен момент премиерот Ципрас, наместо да ја избере Грција, ја избра СИРИЗА и неговото премиерско место, рече Дендиас кон крајот на јануари за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа.
Новиот министер за надворешни работи на Грција, како опозициски пратеник во минатото, јасно говореше дека не се согласува со протестите против Договорот од Преспа, велеше дека го почитува секој оној кој излегува на демонстрациите, но според него искуството од минатото покажало дека „собирите не помагаат во промоција на националните прашања на корисен начин“.
Во интервјуто за „ЕРТ“ минатата седмица, рече дека не присуствувал на ниту еден протест, иако ќе имал „политичка придобивка“ доколку го сторел тоа.






